ВМРО-ДПМНЕ: Правото на глас на иселениците и Изборниот законик не смеат да бидат жртви на дневнополитички калкулации на СДС, Левица и ДУИ

Јавноста во Македонија е сведок на целосна конфузија предизвикана од опозициските партии СДС, Левица и ДУИ, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ што МИА го пренесува интегрално.

Првиот ден седнуваат и се договараат за Изборниот законик, а веќе следниот ден, откако ќе преспијат, го блокираат истиот закон за кој првично постигнале договор. Во јавноста пласираат одредени тези, а зад затворени врати, всушност, преговарале и преговараат за сосема други прашања.

Наместо да учествуваат во носењето на Законот со кој ќе се зголемат демократските права за остварување на уставно загарантираното право на глас, оваа дезориентирана опозиција, сака враќање назад и намалување на правото на глас на дијаспората.

Како ВМРО-ДПМНЕ и порачуваме на СДС, Левица и ДУИ, како што се договорија да го блокираат, да седнат и да се договорат што сакаат од Изборниот законик, а како владејачко мнозинство ќе прифатиме се што ќе побараат, само да се прошири и унапреди правото на глас и дијаспората да гласа по пошта или електронски.

Прво нека се договорат меѓу себе, сакаат една изборна единица, нека договорат и модел за финансирање, нека договорат и прифатлив начин за поплаките, а можат и да се договорат и да го изберат моделот за изјаснување, гласање, на дијаспората.

ВМРО-ДПМНЕ нема проблем да разговара за секое прашање што е важно за унапредување на политичкиот систем, за продолжување на реформите, за европската интеграција на државата и за интересите на сите граѓани, без разлика каде се наоѓаат.

Нашата определба е разговори и дијалог, а не блокади и сето она за што ќе се договорат овие опозициски партии и ќе го понудат до нас, ние тоа ќе го прифатиме. Демократското право на глас на македонските иселеници и Изборниот законик, воопшто, не смеат да бидат жртви на дневнополитички калкулации.

ВМРО-ДПМНЕ е подготвено веднаш да седне на маса и да разговара во интерес на државата и на сите нејзини граѓани, доколку СДС, Левица и ДУИ изградат единствен став и покажат искрена волја за договор.

ВМРО-ДПМНЕ

Back to top button
Close