Кац: Не ни треба ничие одобрение за Израел да остане во Либан

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, ја отфрли изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Израел ќе се повлече од Либан, нагласувајќи дека на неговата земја не и е потребно ничие одобрение за да остане таму.

„Не баравме ничие одобрение за да влеземе во Либан, ниту ни треба одобрение за да останеме таму“, ја пренесува „Тајмс оф Израел“ изјавата на Кац.

Кац уште посочил дека Израел има „право и должност“ да ги брани северните делови на земјата од, како што наведе, заканите од „терористичката група Хезболах, чија цел е уништување на државата Израел“.

Тој додава дека, како што претходно посочил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, израелските сили ќе останат во безбедносната зона во Либан и ќе дејствуваат по потреба, се додека Хезболах не биде разоружан на целата територија на Либан и додека не биде отстранета заканата за жителите на северен Израел.

Трамп вчера изјави дека верува оти Израел ќе се повлече од Либан, иако Нетанјаху и други израелски официјални лица инсистираат дека израелската војска ќе остане таму се додека Хезболах целосно не биде разоружан.

Американскиот претседател рече дека за можното повлекување разговарал со Нетанјаху.

„Мислам дека ќе го направат тоа. Мислам дека го сакаат тоа. Тие имаат добри односи со Либан и склучуваат договори со Либан“, изјави Трамп одговарајќи на новинарско прашање за време на средбата со сирискиот претседател Ахмед ал Шара на маргините на самитот на НАТО во Анкара.

Back to top button
Close