Бројот смртни случаи на ебола во Демократска Република Конго достигна 600

– Бројот починати во актуелната епидемија на ебола во Демократска Република Конго достигна 600, а сомнителни случаи се пријавени и во уште една провинција, соопштија денеска националните здравствени власти.
Според најновиот извештај на Владата на Конго, епидемијата прогласена на 15 мај досега е потврдена кај 1.759 заразени лица во источните провинции Итури, Северен Киву и Јужен Киву.
Во официјалниот број случаи засега не се вклучени два нови случаи од Кисангани, главниот град на провинцијата Чопо и еден од најголемите градови во земјата.
За еден од случаите е утврдено дека е поврзан со здравствената зона Њани во провинцијата Итури, каде што беа регистрирани првите случаи на актуелната епидемија. Вториот случај засега нема јасна географска поврзаност со претходно зафатените подрачја.
Позитивните резултати од тестирањата во Кисангани се уште се подложени на дополнителни потврди, по што би требало да бидат вклучени во официјалните податоци за бројот заболени.
Здравствените служби ги засилија мерките за надзор, следење на контактите и контрола на ширењето на болеста во Кисангани.
Според последниот извештај, во изминатите 24 часа се регистрирани 51 нов случај на ебола и 20 нови смртни случаи.
Светската здравствена организација предупреди дека епидемијата се уште не е ставена под контрола и оти вирусот продолжува да се шири, меѓу другото и поради движењето на населението, што го зголемува ризикот од пренос.






