ССМ е против идејата за пензионирање на 72 години

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изразува сериозна загриженост во врска со актуелните дискусии во јавноста за потенцијално зголемување на старосната граница за пензионирање, каде што се споменува можноста за работа до 72 години.
Од Синдикатот велат дека ваквите избрзани мерки се носат на штета на работниците и дека тие само на кратко ќе го покријат дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), додека суштинските, структурни проблеми ќе останат нерешени.
ССМ во објава на својата фејсбук-страница се повикува на официјалните податоци од Државниот завод за статистика, кои јасно го отсликуваат проблемот со евентуалното продолжување на работниот век.
„Според ‘Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“ на Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век во државата изнесува 76,63 години, па дали тоа е идејата, наместо пензија, работа до крај на животниот век“,прашуваат од ССМ.
Од ССМ, сметаат дека потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места кои ќе бидат резултат на нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите.
Велат дека со тоа ќе има зголемување на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и намалување на сиромаштијата.
Исто така, велат дека се потребни политики и мерки за пристојна работа за сите со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди со цел да се задржат младите луѓе да работат и живеат во сопствената држава.
Од ССМ сметаат дека е потребно да се овозможи пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години за жени, како и воведување предвремена пензија, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија, како и опција за докуп на работен стаж.
„Воведување бенефициран стаж за градежните работници, како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците“,
сметаат од ССМ дека е потребно.
Според ССМ, потребен е целосен ангажман на инспекторатите и други државни органи за да се спречи непријавената работа која би се трансформирала во пријавена и редовно да се наплаќаат придонесите.
„Поради непријавената работа, државата годишно губи 250 милиони евра кои остануваат во џебовите на газдите. Само на овој начин социјалните фондови можат и ќе станат реални и одржливи и ќе бидат вистинска заштита и сигурност за работниците и граѓаните во услови на болест, старост, невработеност“,
додаваат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Сметаат дека не може без волја и потреба на работниците да им се продолжува работниот стаж и со тоа, како што велат, да се изложуваат на опасност нивните животи и да се оддолжува заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики долг временски период наназад.
„Ваквите предлози ги избркаа младите работници, а некој сериозно сака да ги избрка и постарите работници од Македонија“,
се вели во објавата од ССМ.






