Лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА си поднесе оставка

Лидерот на грчката опозициска СИРИЗА Сократис Фамелос си однесе оставка од функцијата претседател на левичарската партија, но останува пратеник, јави дописничката на МИА од Атина.
Во видео изјава, Фамелос ја соопшти одлуката да се повлече од лидерската позиција на која беше избран на крајот на ноември 2024 година, објаснувајќи дека неговиот предлог за соработка меѓу прогресивните сили наишол на одбивање од ПАСОК и Нова левица, а истакна дека и новата партија на Алексис Ципрас ЕЛАС јавно одбива соработка и приближување на ставовите.
Дополнително, посочи дека поединечни членови на СИРИЗА ја поткопале одлуката за прогресивно зближување и го довеле во прашање неговото лидерство.
– Поднесувам оставка од функцијата претседател на СИРИЗА. Не сакам и не можам да бидам дел од оваа поделба во овој критичен политички момент за нашата татковина. Не се повлекувам од Парламентот. Не се повлекувам од СИРИЗА. Ја почитувам довербата што ми ја дадоа граѓаните, верувам во левицата и во политичкото дејствување. Мојата оставка има една и единствена политичка порака, упатена до сите. СИРИЗА и целата левица мораме да му служиме на единството за, во интерес на народот, да си замине десницата од власт. Да не дозволиме понатамошни поделби, посочи Фамелос.
Во период од една седмица, тројца пратеници од СИРИЗА си поднесоа оставки, а во изминатиот период, согласно истражувањата на јавното мислење партијата е со намален рејтинг, што дополнително се намали откако поранешниот партиски лидер и поранешен премиер Алексис Ципрас ја формираше новата партија ЕЛАС:
На последната анкета објавена вчера, СИРИЗА добива 1,2 отсто од гласовите, наспроти ЕЛАС на Ципрас која е на втората позиција со 14,4 проценти.






