Зајкова: Најтрагично е кога некој критикува грешки на претходникот и не ги поправа кога ќе дојде неговиот ред, туку ги усовршува грешките
Во врска со носењето на новиот Кривичен законик, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, повика на правда и изјави дека ставовите на ЛДП се конзистентни во недавањето поддршка на измените на Кривичниот закон, затоа што сѐ уште сведочиме на застарување на случаите со корупција во највисоките ешалони во власта.

„Но најтрагично е што во политиката кога некој ги критикува грешките на претходникот, а потоа доаѓа и истите грешки ги усовршува, наместо да ги поправи и затоа бевме сведоци на носење на уште покатастрофален Кривичен законик од тој кој што претходно се донесе, а за кој што ЛДП повторно алармираше дека е навистина лош. Но колегите од мнозинството нѐ убедуваат дека тоа е еден супер закон, за на крај пак да добиеме ‘шамар’ од Брисел, дека во тој поглед не ги исполнуваме условите, ама со тоа секојдневно народот губи пари. Како што за Изборниот закон изгуби 4 милиони евра, за неспроведување на другите реформи губи 170 милиони. И сега кој ќе ја понесе одговорноста тука?“, праша Зајкова во своето гостување на Вести Плус на Канал 5.
На прашање од новинарот за можните парламентарни избори напролет, претседателката Зајкова посочува дека ЛДП е подготвена да настапи на предвремени парламентарни избори.
„Зошто го велам ова самоуверено и со насмевка? Затоа што верувам во нашите предлози и знам дека 80% од граѓаните ги поддржуваат нашите предлози и за отворени листи, зад кои што не ќе може да се крие одговорноста. Таму има директно име и презиме на избраниот претставник; 80% од граѓаните поддржуваат да се укинат банкарските провизии, бидејќи банките за сметка на своите профити ги дерат луѓето со провизии и непотребни трошоци, а државата не интервенира иако неколку пати редоследно го поднесуваме законот; 80% од граѓаните се согласни со нас дека нема потреба толку заменици директорски и министерски места; 80% се согласни дека треба да се укинат тие непотребни паушали во дел од управните одбори, за електронската нараквица за насилници и низа други предлози на ЛДП. Но она што е поразително е што големите партии а сакаат по истиот изборен модел да одиме повторно на избори. Зошто? Затоа што ваквиот изборен модел очигледно им одговара затоа што земаат најмногу пари согласно ваквиот изборен модел, за да секојдневно слушаме разноразни соопштенија од кои што цревата веќе ни се превртуваат“, вели претседателката Зајкова.
Неодамнешниот избор на Моника Зајкова за потпретседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ е важен за градење на влијанието, односно презентирање на позициите на Македонија како клучен регионален конструктивен фактор, наметнување на наши идеи, помош на наши експерти да се вклучат повеќе во работата на институциите на ОБСЕ и давање на приоритет не само на Македонија, туку и на целиот Западен Балкан.
„Изборот за потпретседател на Парламентарното Собрание на ОБСЕ пред сѐ, мислам дека е национална гордост, не само лична. Македонија никогаш немала на оваа позиција свој човек. Немал ни Западниот Балкан. Последен пат тоа бил Кривокапиќ од Црна Гора, во 2000-та година. Така што е навистина голем успех, а посебно го прави успехот тоа што оваа функција не се добива со именување или назначување, туку по пат на непосредни избори во кои што гласаат делегации од 57 парламенти, каде што и Светата Столица има свое почесно место. Затоа и има поголема тежина бидејќи јас бев во трка со уште седум противкандидати, така што мене навистина ми значи извојуваната победа“, вели Зајкова.
Зајкова дополнува дека сите горливи прашања кои што ги мачат македонските граѓани таму можат да бидат поставени како еден од приоритетите на бордот во опсег на кој што ќе се разгледуваат.
„Многу е важно да се држи високо темата за одредени држави, бидејќи гледаме како секогаш одредени држави си ги позиционираат своите агенди во меѓународните институции. Затоа е важно и Македонија да се позиционира постојано и да биде во фокус на агендата на ваквите институции“, завршува претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.






