Мицкоски: Протоколите не се дел од Преговарачката рамка, но Бугарија го тврди спротивното

Дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка, минатата недела потврди и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски велејќи дека во целост се согласува со ставот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оти во содржината на преговарачката рамка нема ниту експлицитна ниту, пак, имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени

Протоколите не се дел од Преговарачката рамка, но Бугарија го тврди спротивното, повикувајќи се на она што го договорила со претходната влада. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Општина Илинден, а одговарајќи на новинарско прашање дали протоколите се дел од Преговарачката рамка со Европската Унија.

 

Ова следува откако минатата недела поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, рече дека четири години трпел критики оти велел дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Претходно министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече дека според него, и како министер и како правник, протоколите не се дел од рамката за преговори со Европската Унија.

„Апсолутно како влада го делиме ставот дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. За жал, бугарската страна тврди дека тие се дел од рамката и дека потпишале таков договор со претходната влада, во кој, според нивните тврдења, им биле ветувано сè и сешто. Ние како влада не цениме дека протоколите се дел и не треба да бидат дел од Преговарачката рамка. Тој став ние го имаме од првиот момент до денеска. За жал, ставот на другата страна е сосема поинаков. А, тој став е таков поради егзибициите и капитулацијата на претходната влада на СДСМ и ДУИ и преговарачкиот тим воден од губитникот од Чаир“,

 

кажа премиерот при посетата на Илинден.

Во синоќешното гостување во поткаст, Мицкоски рече дека уставните измени во формата која моментно се бара нема да се случат и посочи дека е подготвен да разговара со секого и секаде, сè додека не се изнајде одржливо решение што ќе ја однесе државата до конечната цел.

Осврнувајќи се на барањата од Европската Унија, премиерот нагласи дека во целиот процес работите мора да се постават принципиелно и без двојни стандарди, а дополнително, како што рече, исто како што претходната македонска влада презела одредени обврски кон Брисел, така и Бугарија има преземено обврски за почитување на човековите права.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски минатата недела, одговарајќи на новинарско прашање во однос на спорот со Бугарија, рече дека во целост се согласува со ставот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оти во содржината на преговарачката рамка нема ниту експлицитна ниту, пак, имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени.

 

„Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите, да повторам, тоа е називот на записниците од разговорите, некој одлучил да се наречат протоколи, зошто тоа е направено, еве во тоа да не навлезам, согласно моето толкување и како министер за надворешни и како правник е дека тие не се дел од преговарачката рамка“,рече Муцунски.

Потоа, на темата се надоврза Османи велејќи дека четири години трпел критики оти велел дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка.

„Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – протоколот не е дел од рамката. Продолжуваме понатаму…“,посочи Османи.

Има позитивен импулс за деблокада на евроинтеграциите, но без отстапки за идентитетот – вели Муцунски

 

Back to top button
Close