Левица: Со кривична пријава за МРТВ Цветковски ќе раководи со “Скопје 2028”

Левица преку соопштение обвини дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го назначил поранешниот директор на Македонската радио-телевизија, Марјан Цветковски, за директор на Фондацијата што треба да го реализира проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, иако, како што наведуваат, Фондацијата сè уште не е законски формирана.

Од партијата посочуваат дека во Собранието дури сега започнува постапката за Предлог-законот со кој треба да се основа Фондацијата, а според предложените законски решенија директорот треба да го именува Управниот одбор, кој во овој момент не постои.

Левица оценува дека ваквото именување отвора сомнежи за законитоста на постапката и, според нив, укажува дека кадровските решенија биле однапред договорени.

Во реакцијата се потсетува и на периодот кога Цветковски раководеше со Македонската радио-телевизија, наведувајќи дека во 2019 година против него била поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Од партијата наведуваат и дека ревизорските извештаи во тој период укажувале на финансиски проблеми и висока задолженост на јавниот сервис.

Според Левица, дополнителна загриженост предизвикуваат и одредбите од Предлог-законот, кои, како што тврдат, предвидуваат посебен режим за јавните набавки и концентрирани овластувања во рамки на Фондацијата.

Од партијата оценуваат дека проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ треба да биде пример за транспарентност и отчетност, а не, како што наведуваат, пример за однапред донесени кадровски одлуки и приспособување на законските процедури

Back to top button
Close