ДУИ: Уште еден странски инвеститор си заминува – Владата да одговори колку работни места се загрозени

Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение обвини дека уште една странска компанија ја затвора својата инвестиција и ја напушта Македонија, оценувајќи дека тоа претставува сериозен удар за економијата и за вработените.

Од партијата наведуваат дека во изминатите две години три американски и германски инвеститори одлучиле да го прекинат или да го преселат своето производство, што, според нив, не може да се смета за изолиран случај.

Според ДУИ, странските инвеститори се соочуваат со економска неизвесност, недостиг на јасна европска перспектива, нарушени односи со соседите и зголемени меѓуетнички тензии, што, како што тврдат, влијае врз нивните одлуки.

Од партијата оценуваат дека последиците директно ги чувствуваат граѓаните преку губење на работни места, намалена економска активност и засилено иселување на младите и квалификуваните работници.

ДУИ ја повика Владата да соопшти колку работници ќе останат без работа, дали има најави за повлекување и на други компании и кои конкретни мерки ги презема за задржување на постојните странски инвеститори. Според партијата, Владата треба да преземе одговорност за, како што наведуваат, економската несигурност во земјата.

Back to top button
Close