Потврдени уште три случаи на западнонилска треска, дел од заразените не патувале надвор од државата

Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека вчера биле потврдени уште три нови случаи на западнонилска треска во Македонија.

Dengue, zika and chikungunya fever mosquito (aedes aegypti) on human skin

Тој информираше дека двајца од пациентите се лекуваат на Клиниката за инфективни болести, а еден е хоспитализиран на Клиниката за неврологија. Кај пациентот на Неврологија, засега инфекцијата е потврдена само со еден тест, додека се спроведуваат дополнителни лабораториски испитувања.

„Кај овие пациенти се прават анализи со повеќе методи, вклучително и на ликвор и други примероци, а веднаш се спроведуваат и епидемиолошки анкети“, изјави Клековски.

Министерот посочи дека Комисијата за заразни болести утврдила оти, покрај случаите поврзани со патување во Грција, има и заболени кои не патувале надвор од државата и живеат во подрачјето на Скопско Поле.

Поради тоа, Центарот за јавно здравје Скопје веќе презел стандардни мерки, односно дезинсекција во радиус од 200 метри околу местата на живеење на потврдените случаи. Во зависност од епидемиолошките анализи и мапирањето на случаите, ќе се одлучува дали ќе бидат преземени и дополнителни активности за прскање против комарци.

Клековски додаде дека засега е регистриран и еден случај во Велес, за кој се врши дополнителна епидемиолошка анализа за да се утврди евентуалната поврзаност со останатите случаи.

Back to top button
Close