Водата од локалните чешми во Белотино и Рич не е здравствено исправна

Водата од локалните чешми во струмичките села Белотино и Рич не е здравствено исправна за пиење поради присуство на бактерии што укажуваат на фекално загадување, покажале анализите на Центарот за јавно здравје – Струмица.

Во Белотино бил испитан примерок земен од чешмата кај црквата, додека во Рич водата била земена од чешмата во центарот на селото.

Микробиолошките и физичко-хемиските лабораториски анализи покажале дека двата примерока не ги исполнуваат условите предвидени со Правилникот за безбедност на водата. Во водата од двете населени места биле откриени бактерии што се показатели за фекална контаминација.

По добивањето на резултатите, вработени од Одделението за заштита на животната средина при Општина Струмица поставиле известувања дека водата не смее да се користи за пиење. Забраната ќе важи сè додека новите анализи не покажат дека водата е здравствено исправна.

Од надлежните нагласуваат дека станува збор за локални селски чешми што не се поврзани со водоводната мрежа на градот Струмица ниту со мрежите на другите населени места.

Забраната за користење на водата е нов удар за жителите на Рич и Белотино, две ридско-планински села во кои пристапот до основните услуги со години е отежнат. Рич се наоѓа на околу 21 километар од Струмица и на надморска височина од 509 метри, додека Белотино е оддалечено околу 16 километри и се наоѓа на 518 метри надморска височина. По пат, зависно од местото од кое се тргнува, жителите минуваат и до 25 километри за да стигнат до градот.

Проблемот со водата не се појавува првпат. Агенцијата за храна и ветеринарство во февруари 2024 година забрани користење на водата во Рич, Белотино и уште три струмички села поради недостиг од резидуален хлор, односно зашто водата не била соодветно дезинфицирана. АХВ подоцна тврдеше дека Општина Струмица не постапила по решението, поради што била поведена прекршочна постапка

Back to top button
Close