Владејачкото мнозинство ја избра Мери Дика за уставен судија

Собранието денеска ја избра Мери Дика Георгиевска за уставен судија со 64 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“.По изборот, Мери Дика Георгиевска даде свечена заклетва пред пратениците во Собранието, со што и официјално ја презеде функцијата судија на Уставниот суд.
Мери Дика Георгиевска е дипломиран правник на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирала во 1985 година, а магистерските студии по правни науки ги завршила на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје во 2014 година. Правосудниот испит го положила во 1987 година.
Кариерата ја започнала како адвокатски приправник и стручен соработник, а потоа работела како адвокат во сопствена канцеларија. Од 1996 до 2005 година беше судија во Основниот суд Скопје II, а потоа продолжи како судија во Апелациониот суд Скопје. Од 2012 до 2018 година беше член на Судскиот совет, по што се врати во Апелациониот суд. Во 2023 година беше избрана за претседател на Апелациониот суд Скопје. Во својата кариера била претседател на стопанските оддели во Основниот и во Апелациониот суд, а говори и англиски јазик.
На нејзиниот избор експресно реагираше партијата Левица.„ВПМНЕ, партијата што со најголема жестина ја претставуваше Мери Дика Георгиевска како симбол на компромитираното правосудство, денес со сопствени раце ја изгласа за чувар на Уставот. Со изборот на Мери Дика Георгиевска за уставна судијка, ДПМНЕ јавно ги погреба сопствените зборови, прес-конференции и сопствените обвинувања. Потешко политичко самопоништување одамна не е видено!“- порачаа од Левица.
Според партијата истата личност, која според реториката на ДПМНЕ беше дел од приказната за „Рекет“, денес магично се трансформира во „истакнат правник“.
„Не затоа што се смениле фактите, единствено што се смени е фотелјата од која зборуваат. Кога беа опозиција, Мери Дика им беше доказ за распаднатото судство. Денес, кога се власт, истата Мери Дика им е доволно добра да одлучува за уставноста на законите и да ја толкува највисоката правна норма во државата.Со овој избор ДПМНЕ конечно призна дека никогаш немало проблем со компромитираното правосудство. Имало проблем само со тоа кој управува со него. Денес не го демонтира заробениот систем што сам го опишуваше со години, туку се вселува во него и го присвојува.
Особено поразително е што ова се случува во период кога Уставниот суд веќе го губи и последниот атом од својот авторитет. По две оставки на универзитетски професори за краток временски период, наместо институцијата да се враќа кон неспорен академски и професионален интегритет, ДПМНЕ дополнително ја втурнува во политичката кал.
Најголемиот политички апсурд е што ДПМНЕ денес без збор ја прифати кандидатурата предложена од истиот Судски совет кој со години го прогласуваше за криминализиран, заробен и недостоен за доверба. Остана само молкот на оние кои вчера викаа најгласно, а денес најпослушно гласаат. Денес ДПМНЕ испрати порака дека политичката меморија трае точно до моментот кога ќе се отвори можност за ново гласање. Сѐ што вчера беше причина за прес-конференции, драматични обвинувања и повици за одговорност, денес е доволно добро за Уставниот суд. Кога власта сама ги урива сопствените критериуми за тоа кој е достоен да биде уставен судија, не може да очекува јавноста да има доверба дека идните одлуки на Судот ќе бидат доживеани како независни и стручни, а не како политички погодни и компромитирани“, порачаа од Левица.






