Вишиот го задолжил понискиот обвинител да даде позитивно мислење за враќање на пасошот на Марковски

Барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост кон бизнисменот Борче Марковски изречени при определувањето на гаранцијата поднесено е до Основниот суд во Струга од страна на одбраната на сопственикот на „Марковски Компани“, кој е обвинет за злоупотреби околу тендерот за дислокација на погонските станици од рудникот Осломеј во рудниците во Битола, вреден 1,7 милиони евра.

Како што велат од Јавното обвинителство, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15.06.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање, но, додаваат од таму, откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола.

„Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.

Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот.

Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата.

Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, гласи одговорот што го добивме од ЈО.

Повеќе

Back to top button
Close