Даути нема да мрдне од говорница додека Мицкоски не ѝ одговори, блокирана седницата за пратенички прашања
Пратеничката Илире Даути од Албанска лига не сака да се тргне од говорницата додека премиерот Христијан Мицкоски не ѝ одговори на пратеничко прашање од претходната седница и со тоа ја блокира седницата за пратенички прашања. Претседателот на Собранието Африм Гаши, за да ја смири ситуацијата објави половина час пауза. Со ова продолжуваат блокадите на седниците од страна на опозициските пратеници од албанскиот политички блок.

Даути инсистира Гаши да ја прекине седницата за пратенички прашања сѐ додека не добие одговор од Мицкоски на пратеничкото прашање за законот за правична застапеност. Според неа, бесмислено е пратениците да поставуваат прашања ако премиерот избира кому ќе одговори, а кому нема да одговори, бидејќи така се омаловажуваат пратениците.
Гаши, иако потвди дека Даути има право кога инсистира на одговор, кој премиерот на претходната седница рекол дека ќе го достави писмено, сепак збор му даде на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да постави прашање на кое премиерот одговори.
По ова Даути застана на говорница и порача дека нема да се мрдне оттаму додека премиерот не ѝ одговори на прашањето.
На Даути на говорницата ѝ се придружи и пратеникот и лидер на Албанска лига Зијадин Села, по што Гаши објави пауза.






