Клековски за Гостивар: Секој ден се земаат мостри, не можеме да шпекулираме кога водата ќе биде безбедна за пиење

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека институциите нема да дозволат водата во Гостивар повторно да се користи за пиење и подготовка на храна сѐ додека не се добијат три последователни исправни резултати од анализите.

Тој посочи дека секојдневно се земаат мостри од повеќе локации и оти не може да се прогнозира кога ограничувањата ќе бидат укинати.

„Сакаме да бидеме максимално сигурни пред да дозволиме водата да се употребува за пиење и подготовка за храна. Секој ден од повеќе места се земаат мостри. Не може да шпекулираме. Треба три соодветни теста од различни места за водата да биде ставена во употреба за пиење. Секој ден се прават анализи од девет кориснички места. Може да има еден несоодветен и да треба три нови теста од три нови дена“, рече Клековски.

Министерот нагласи дека целта е да нема никаков ризик за здравјето на граѓаните и дека одлуката за повторно користење на водата за пиење ќе биде донесена исклучиво врз основа на резултатите од лабораториските анализи.

Back to top button
Close