Обвинителот што дал „зелено светло“ за Марковски – пријавен од Левица во Советот за случај со дивоградба

Вишото јавно обвинителство во Битола, со кое раководи Пецо Везироски, дало позитивно мислење за враќање на пасошот на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, кој веднаш потоа ја напуштил земјава, објави Левица.

Според партијата, Везироски е истиот виш јавен обвинител против кого пратеничката Јована Мојсоска веќе поднела претставка до Советот на јавни обвинители, бидејќи не постапувал во предметот за дивоградбата во Струга. Од Левица тврдат дека тој не го санкционирал постапувањето на пониското струшко обвинителство, туку застанал во негова одбрана.

„Денес, повторно неговото обвинителство дава позитивно мислење во корист на обвинет кој само неколку дена подоцна ја напушта државата. Таквата низа на постапувања отвора сериозно прашање дали Вишото јавно обвинителство ја исполнува својата законска функција или повторно обезбедува институционално покритие за привилегираните. Дополнително загрижува и образложението на претседателот на Основниот суд во Струга, Вулнет Винца, дека имотната гаранција и мерката за одземање на пасошот не можеле истовремено да опстојат. Ако тоа е навистина правниот став на Судот, тогаш се поставува прашањето зошто лице за кое претходно постоела опасност од бегство одеднаш повеќе не претставува таков ризик само затоа што е положена гаранција. Имотот може да биде предмет на извршување, но не може да биде замена за физичкото присуство на обвинетиот во кривичната постапка“, пишува во соопштението од партијата.

Од Левица одговорност лоцираат и кај Министерството за внатрешни работи и бараат да соопшти кога и преку кој граничен премин Марковски ја напуштил државата.

„Дали МВР располагало со какви било сознанија во врска со неговото заминување? Истовремено, Судот мора јавно да соопшти кој судија ја донел одлуката за враќање на пасошот и да го објави целосното образложение врз кое се темели таа одлука. Советот на јавни обвинители, пак, мора конечно да постапи по претставката што Левица ја поднесе против Пецо Везироски, додека Судскиот совет треба да отвори постапка за утврдување на одговорност доколку се констатира дека судската одлука е донесена спротивно на законските критериуми“, додаваат од партијата

Back to top button
Close