Ги почитувам сите државни празници и тоа сум го покажал, рече Гаши кој ќе оди во Египет наместо во Крушево на Илинден

Претседателот на Собранието Африм Гаши годинава нема да присуствува на централната прослава на Денот на Републиката – Илинден на Мечкин Камен во Крушево, каде што би требало да одржи говор, бидејќи ќе учествува на Светската конференција на претседатели на парламенти во Каиро, Египет. Според државниот протокол, кој ротира секоја година, Гаши годинава требаше да се обрати во Крушево по повод 2 Август. Наместо него, на прославата ќе зборува потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
-Сакам на јавноста да ѝ испратам порака дека Африм Гаши ги почитува сите државни празници и тоа сум го покажал од првиот ден во политиката, особено сега во својство на претседател на Собранието. Нема простор за двоумење. Како државен врв, одлучивме даа се искористат двете шанси. Илинден како нашиот најголем национален празник ќе биде чествуван на најдобар можен начин од страна на Собранието, со учество на сите манифестации по тој повод, единствено што јас лично нема да одржам говор на Мечкин камен поради мојата посетата во Египет на многу важна конференција, рече денеска претседателот на Собранието.
Потенцира дека тој како спикер ги почитува сите државни празници, што го покажал уште од почетокот на неговата политичка кариера.
Во однос на Законот за правична застапеност вели, сè уште постои отпор кај партиите од албанската опозиција да го гласаат ова законско решение, па тој како спикер ќе оцени кога тој закон ќе се гласа на пленарка зашто е потребно е Бадинтерово мнозинство.






