Судскиот совет незаконски назначува в.д. претседатели на судови, реагираат од Коалиција „Сите за правично судење“


Коалицијата „Сите за правично судење“ реагираше за начинот на кој Судскиот совет, на денешната седница определи вршители на должноста претседател на Апелациониот суд Скопје и на Основниот суд Струга. Во реакцијата се наведува оти Советот директно ги прекршил одредбите од членот 89 од Законот за судовите, кои наложуваат дека за в.д. претседател мора да се избере судијата кој е оценет со највисока позитивна оцена и има добиено најголем број бодови, а дополинително, на Судскиот совет му се забележува дека овој објективен критериум не предвидува слободен избор меѓу позитивно оценетите судии, ниту воведување субјективни мерила како менаџерско искуство или лична процена.

Во случајот со Апелациониот суд Скопје, иако на самата расправа било јасно наведено кој судија има највисок број бодови, Советот не го поддржал тој предлог и наместо тоа, определен бил друг судија со повикување на неговото искуство, менаџерските способности и претходното членство во Судскиот совет.

„Особено неубедливо е образложението дека избраниот судија би бил ставен во понеповолна положба затоа што неговото последно оценување опфаќало три, а не четири години поради претходното членство во Судскиот совет. Од Методологијата за оценување на работата на судиите не произлегува дека бодовите се акумулираат за секоја година од оценуваниот период, што би можело да предизвика судијата оценуван за пократок период автоматски да добие помал број бодови. Напротив, резултатот се утврдува преку средни оценки, процентуални показатели и однапред утврдени скали на бодување“
велат оттаму.
Во реакцијата се наведува и примерот со Основниот суд Струга, каде што за в.д. претседател е определен судија кој има само една година и три месеци судиски стаж и кој досега воопшто не бил оценет за своето судиско работење. За да го оправда овој избор, Судскиот совет незаконски го зел предвид периодот што овој судија го поминал како слушател во Академијата за судии и јавни обвинители, што според Коалицијата не претставува работа како судија и не може да произведе бодови споредливи со останатите кандидати во судот.

„Член 89 не бара Судскиот совет да избере лице со најдолго општо искуство во правосудството. Тој бара да го определи судијата што е оценет со највисока позитивна оцена и има најголем број бодови во однос на останатите судии. Лице што воопшто не било оценето како судија не може, преку толкување, да биде прогласено за судија со највисока оцена и најголем број бодови. Тука не постои нејаснотија што треба да се надмине со толкување, туку отсуство на фактичката претпоставка што ја бара Законот“,

се вели во реакцијата.
Во соопштението, меѓудругото се наведува и дека овие одлуки не се само привремени и безначајни, бидејќи досегашната практика, како во случајот со Основниот кривичен суд Скопје, покажува дека позицијата в.д. претседател создава реална предност за кандидатот во подоцнежната редовна постапка за избор и оти ваквото континуирано отстапување од правилата ја намалува правната сигурност и создава преседани каде јасно законско правило се заменува со процена на мнозинството дека некој друг резултат е посоодветен.

Поради наведените прекршувања, коалицијата „Сите за правично судење“ бара од Судскиот совет без одлагање да ја преиспита законитоста на овие две одлуки и да ги преземе сите мерки за отстранување на повредите и Советот јавно да ги објави податоците за последното оценување, бодовите на сите разгледувани судии, како и јасно да ја наведе правната основа според која смета дека може да го игнорира највисокиот број бодови или да избере неоценет судија.

„Судскиот совет има право и обврска да го толкува правото при вршењето на своите надлежности, но како орган што треба да ја гарантира самостојноста, независноста и професионалноста на судството, тој има уште поголема обврска сопствените одлуки да ги темели врз закон, однапред познати критериуми и проверливи причини. Законот не може да биде задолжителен само кога резултатот од неговата примена се совпаѓа со претпочитаниот избор на мнозинството во Советот“,

заклучуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
На денешната седница, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски објави оти судијата Зоран Герасимовски е определен да ја извршува функција вршител на должност претседател на Апелацискиот суд Скопје, откако тој доби поддршка од девет члена на Судскиот совет, а двајца беа против. Претходно, членовите на Судскиот совет го разгледаа предлогот судијката Тања Милева да биде назначена за в.д. претседателка на овој суд, но таа не го доби потребниот број гласови. За неа гласаа двајца членови на Советот, додека другите девет беа против.

Back to top button
Close