Призма- Увид во работите – владин маркетинг без повод
Посета на градилишта без лопати и ленти
Летото е време за одмор, патување и – за увид во градежните работи. Само во изминатиот месец, високи владини претставници посетија повеќе од десет локални градилишта за, како што се тврдеше во соопштенијата од нивните институции, да извршат увид во работите.
Најактивни беа премиерот Христијан Мицкоски и неговиот заменик и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тука не станува збор за настани како удирање камен-темелник за нов објект или сечење лента на завршен проект, туку за посети на градилишта додека траат работите. Увидите, притоа, почесто се вршат на локални улици или канализациски водови во општините отколку на големи проекти, како автопатишта или пруги.
Ако се следи медиумското покривање на овие настани, може да се види дека конкретниот повод за нив често паѓа во втор план. Откако ќе кажат неколку збора за тоа што се гради и дека проектот се одвива според планираното, функционерите, како главни протагонисти, продолжуваат да одговараат на прашања за сите други актуелни теми.
Иако тоа често е повторување претходно искажани ставови, сепак им дава поголемо медиумско присуство.
Тоа го отвора прашањето колку има јавен интерес во увидот во работите, а колку функционерите трошат државни ресурси, возила, придружници, обезбедување и друго, за уште малку политички пи-ар.
Пет вести за темата, 80 за други прашања
Премиерот вчера во Делечво следеше како тече реконструкција на улица | Фото: Facebook на премиерот Христијан Мицкоски
Еден од последните увиди во работите што ги направи премиерот Мицкоски беше во Скопје, на клучката кај Момин Поток, на 26 јули.
На агрегаторот за вести Тајм.мк може да се најдат вкупно пет објави за оваа негова посета што се поврзани со проектот за Момин Поток, како и повеќе од 80 вести во кои тој одговара на прашања за цените на бензините, трговските царини на САД, последната одлука на УНЕСКО за Охрид и заемот на владата од М-НАВ, државната компанија што го управува и контролира воздушниот сообраќај.
Клучката е еден од поголемите инфраструктурни проекти во Скопје, вреден 18 милиони евра. Но, и многу помали зафати го привлекувале вниманието на Мицкоски. Една недела претходно, заедно со вицепремиерот Николоски, извршија увид во изградбата на три улици во Велес, со вредност од половина милион евра.
Прашање е колку има јавен интерес во увидот во работите, а колку функционерите трошат државни ресурси за уште малку политички пи-ар
Таму премиерот коментирал за инфлацијата, капиталните инвестиции, зголемувањето на платите, состојбата со водата во Гостивар и за ребалансот на буџетот.
Посебно внимание предизвика посетата на министерот Николоски на Кисела Вода кон средината на јули, каде што изврши увид во работите на уличка вредна 60 илјади евра.
Неколку дена претходно, пак, Мицкоски во Охрид посети градилиште на улица долга околу 200 метри. Министерот за транспорт, пак, заедно со градоначалникот на Тетово, Билал Касами, прошетаа по улица во градба долга 700 метри.
На почетокот на месецот, двајцата функционери заедно беа во Неготино, каде што разгледуваа изградба на локална улица и кружен тек.
Во архивата од соопштенија на владината интернет-страница може да се најдат најмалку 60 содржини со увид во градежните работи, во последниве две години, откако е на власт сегашната гарнитура. Теренски активности има многу повеќе, овие 60 се само посети на активни градилишта. Тоа значи дека овие активности се организираат во просек трипати месечно, иако се значително почести во летниот период.
Меѓу нив се и посети на автопатот Кичево – Охрид и на пругата кон Бугарија, но и увиди во водовод и канализација во Чаир, детско игралиште и улица во Гази Баба, водоводи и патишта во пет села кај Кавадарци и друго.
Речиси без исклучок, секаде увидите служеле и како паралелни прес-конференции на актуелни теми
И минатите влади не беа имуни на оваа појава.
Како премиер, Димитар Ковачевски посети училиште што се реновира во Охрид, социјална зграда во изградба во Бутел, градилиште за мост во кумановското село Проевце и друго.
Неговиот претходник Зоран Заев правеше увид во реновирањето на полициската станица во Ресен, во изградбата на клучка кај индустриската зона во Прилеп, а особено беше активен пред локалните избори во 2021 година, како пат во селото Бојане, водовод во Сарај и други проекти.
Целиот текст на Призма.мк






