По наредба на Мицкоски, Гаши го тргнал законот за Скопје – европска престолнина на културата, ќе има јавна расправа

Законот за Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година ќе биде ставен на јавна расправа, за да не се остави каков било сомнеж за транспарентноста на процесот, најави премиерот Христијан Мицкоски, откако по бурните реакции на опозициските пратеници и на невладините, претседателот на Собранието Африм Гаши беше принуден законското решение да го тргне од дневен ред. Премиерот се пофали дека на негово инсистирање законот бил тргнат од дневен ред за како што рече, да нема никаков сомнеж за целиот проект.

Според него, критиките биле со цел да се дезинформира јавноста. Мицкоски рече дека законот е изготвен согласно препораките и праксата во ЕУ, но не одговори за најголемата забелешка и критика од опозицијата и од невладините дека Законот за јавни набавки нема да важи за трошење на парите за тој проект.

Според премиерот, проектот започнал пред десет години, но во изминатиот период ништо не било сработено и поради тоа, Владата се соочила со ризик Скопје да ја загуби титулата Европска престолнина на културата.

-Ја разбирам реакцијата во јавноста бидејќи има жесток обид за дезинформација на јавноста. Прво станува збор за фондација Скопје – европска престолнина на културата и тоа е проект кој што е започнат пред 10 години и за жал ништо до сега не е направено и Владата кога дојде до ситуација да се соочи со еден предизвик, а тоа е за првпат во историјата на европска престолнина на културата, проектот на некој град да му биде одземена таа титула, тогаш влеговме во еден процес во којшто јасно ги дефиниравме приоритетите. Еден од тие приеритети е и законот којшто се прави според сите препораки и пракса од страна на ЕУ. Не е ова ништо поразлично од тоа што било во Хелсинки да речеме. Така што не станува збор за било каков директор, туку станува збор за фондација преку која почнувајќи од оваа година, а требало да се почне пред 10 години, но за жал не се почнало, ние ќе почнеме да го реализираме тој проект и тој процес – рече Мицкоски.

За правилно да биде информирана јавноста, премиерот додаде дека обврските за проектот произлегуваат од таканаречената „Бид-книга“, изработена пред неколку години, во која се утврдени програмските активности за 2027 и 2028 година.

– Сакам да напоменам дека станува збор за таканаречена книга или „Бид бук“, којашто е добиена уште пред пет-шест години, во која се дефинирани приоритетите од порано, наследени од оваа Влада и од овој градоначалник за настани коишто треба да се случат 50 дена во следната 2027 година и секој ден во 2028 година, а во 2029 година тоа треба да прерасне во јавно претпријатие коешто ќе има директор. Ова е суштината на целиот проект и на целиот процес. За жал некој се обидува свесно да ја манипулира јавноста и свесно да ги дезинформира граѓаните, но она што јас како човек нема да го дозволам е да остане и било каков милиметар сомнеж во било кој процес и затоа на мое инистирање законот од парламентот беше повлечен, истиот ќе биде ставен на јавна дебата. Малку ќе задоцниме за жал со некои од подготовките како Влада бидејќи веќе 10 години се доцни од претходната влада и од претходните градоначалници, но ќе се обидеме тоа темпо да го задржиме до крајот на годината и да влеземе во процес во којшто се ќе биде навремено испорачано а Скопје ќе биде европска престолнина на културата- рече Мицкоски.

Најжестоки критики за законот за „Скопје 2028“ се однесуваат за тоа дека Законот за јавни набавки нема да важи за трошењето на парите за проектот. За проект се предвидени 21 милион евра од кои 95 отсто се средства од државниот буџетот и буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра од Европските фондови. Постапките ќе ги спроведува фондацијата „Скопје европска престолнина на културата“.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на брифинг со новинарите рече дека предложените законски измени за проектот „Скопје – европска престолнина на културата“ се скандалозни и дека е апсурд да се поднесува закон со кој се заобиколува Законот за јавни набавки. Тој најави дека СДСМ ќе го блокира со сите демократски механизми што им стојат на располагање.

Претседателот на Собранието Гаши вчера на брифинг со новинарите рече дека во најбрз можен рок ќе треба да седнат пратеничките групи и координаторите за да видат дали проблем е содржината на законот или процедурата, односно Бадентеровото мнозинство.

– Апсолутно, тој закон ќе се гласа со Бадентерово мнозинство, затоа што и околу тоа имаше двоумења. Ако има проблем со другиот дел од содржината, ќе треба да се разговара. Ако треба да се поправи, ќе се поправи. Се надеваме дека во најбрз можен рок повторно ќе дојде во собраниска процедура и во пленумот и да биде изгласан. Свикав вонредна координација и увидовме дека има отпор од опозицијата. Но, нормално, мнозинството не секогаш сака по секоја цена нешто да се донесе. Ако има отпор и аргументирани ставови, сакаме и ние понекогаш да попуштиме, и така беше и вчера – рече тој.

Гаши изјави дека никој не сака честа Скопје да биде Град на културата да потпадне под сенката на јавните набавки.

– Не е целта до јавите набавки. Тука е работата што ќе правиме за таа 2028 година за Скопје навистина да блесне во делот на културата како престолнина на културата во Европа. Мислам дека не смееме да го изгубиме тоа предвид. „Скопје – град на културата“, тоа е голема чест за нашата држава и за нашата престолнина. Треба да направиме сѐ за да се одржи. Ако има проблем во законот, ќе треба да го подобриме – рече Гаши. (Sloboden pecat)

Back to top button
Close