Мицкоски за враќањето на пасошот на обвинетиот Марковски: Нема така да заврши, лично ќе го следам овој случај

Случајот со бегството на осомничениот бизнисмен и сопственик на „Марковски компани“, Борче Марковски, по враќањето на патната исправа од страна на судот во Струга, добива нова сериозна димензија. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, отворено проговори за скандалот со отстранувањето на мерките за обезбедување, посочувајќи дека во целата постапка постојат директни соучесници и фалсификувани записници во правосудните органи.

За време на неговата работна посета на Битола и обиколката на Клиничката болница, премиерот потврди дека лично го следи предметот и дека одговорноста нема да изостане.

„Јас вчера го следев случајот и малку се заинтересирав. И мислам дека тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, кој е соучесник во овој процес. И тоа нема така да заврши – рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања при посетата на Клиничката болница во Битола.“

 

Потсетувајќи дека Марковски е првообвинет за злоупотреби при јавни набавки во РЕК „Битола“ во вредност од близу 1,7 милиони евра, чие заминување преку Табановце се случи само еден ден по судската одлука, премиерот нагласи дека Основното јавно обвинителство излегло со целосно спротивни податоци од оние презентирани од Вишото обвинителство во Битола.

„Набргу ќе има истрага затоа што од страна на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој кој е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство во Битола. И ова нема така да заврши. Ова лично јас ви го гарантирам и јас лично ќе го следам овој случај – рече Мицкоски

 

На дополнително новинарско прашање за името на обвинителот, премиерот рече дека не сака открива оти, како што рече, допрва ќе следува истрага за овој процес.

„Ако сакав да кажам име и презиме, ќе кажев. Не сакам да шпекулирам со имиња и презимиња. Допрва ќе следува истрага за овој процес“,рече тој,

.Винца не чувствува одговорност за одлуката за пасошот на Марковски

Претседателот на Основниот суд Струга во заминување, Вулнет Винца, кој вчера беше разрешен од функцијата врз основа на исполнување на старосни услови за пензија, во изјава за „360 степени” потврди дека тричлен кривичен совет одлучил да му го врати пасошот на бизнисменот Борче Марковски.

Тој вели дека не чувствува одговорност оти пред да одлучат добиле позитивно мислење од Јавното обвинителство.

„Ние ценевме, ама добивме мислење од овластениот тужител, ОЈО Струга. Не чувствувам одговорност. Имаме закажано рочиште на 2 септември. Ако не се врати, ќе му се суди во отсуство и ќе се одземе имотот“,рече тој.

Досегашниот претседател на Основниот суд Струга и досегашен судија во судот во Охрид, Вулнет Винца / Фото: Принтскрин

ОЈО Струга – против, Вишото обвинителство Битола – за

Од Обвинителството вчера соопштија дека, во конкретниот случај, барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост изречени при определувањето на гаранцијата е поднесено од одбраната на обвинетиот.

„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15.6.2026 година даде негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа“,велат оттаму.

Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот.

„Воедно се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Република Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата.
Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“,се посочува во соопштението од Обвинителството.

 

Back to top button
Close