Клековски: Во болницата во Битола ќе се децентрализира и дел од терапијата за мултипла склероза, по примерот на онколошката терапија

ЈЗУ Клиничка болница Битола денес пред премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски промовира нова медицинска опрема и инвестиции во таа здравствена установа.

Претседателот на Владата и ресорниот министер од директорката Ненси Лозанче беа информирани за нововоспоставените соработки на таа здравствена установа со институции од државата.

-Клиничка болница Битола прва во Македонија започна со соработката со Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија. Направивме соработка, наместо нашите пациенти со малигни заболувања да патуваат до Скопје за третман, прегледи и контроли, сега еднаш неделно, понекогаш и повеќе пати, доктори од клиниката доаѓаат за да го спречиме патувањето на оваа наша категорија на пациенти и граѓани на Битола, истакна директорката Лозанче.

Исто така, додаде таа, направиле договор со доктор од Клиниката за педијатрија за децата со атипичен развој.

– Овие деца досега патуваа во Скопје за еден обичен извештај или преглед или третман, сега веќе скратена е таа нивна голгота. Тука не можам ако не се заблагодарам лично на премиерот Христијан Мицкоски, кој несебично и брзо изреагира кога во Битола немаше ренген апарат, еден супер модерен дигитален ренген апарат за потребите на цела западна Македонија беше дониран лично од Владата со залагање на премиерот, рече Лозанче.

Во Клиничка болница Битола во овој период реализирани се 82 вработувања, 10 доктори се на приватна специјализација, а има и трансфери од приватни и од јавни здравствени установи во Клиничка болница Битола.

Министерот Клековски кажа дека во Битола говореле и за регионализацијата и за значењето, посебно на Клиничката болница Битола, за целиот југозападен и поширок регион. Но, регионализацијата, вели, мора да се даде содржина, да не биде само празни зборови.

-Драго ми е што искусни доктори специјалисти дојдоа да работат тука, а сега следи втората група специјалисти. Се надевам дека ќе има соодветен одзив и интерес за Клиничката болница Битола, за да го направиме тој чекор за доекипирање. Во моментот треба да се децентрализира дел од терапијата за мултипла склероза. Значи во Клиничката болница Битола се дава терапијата што досега се даваше во Скопје. За оваа група на пациенти која има посебни потреби секое патување за Скопје е напор и се надевам дека многу наскоро надвор од тоа што е направено досега за онкологија, посочи министерот Клековски.

Министерот за здравство Сашо Клековски и директорката на Клинична болница Битола Ненси Лозанче го информираа премиерот за новите инвестиции и потребата од владина поддршка.

Back to top button
Close