Првичните анализи за пената во Вардар се во границите на дозволеното – велат од МЖСПП

Анализата е направена од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје, но на барање на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), земени се мостри и од акредитирана лабораторија, чиј финализиран извештај ќе биде доставен до Инспекторатот и ресорното министерство во вторник следната недела.
Од Министерството информираат дека по појавата на белата пена во Вардар, инспектори од ДИЖС спровеле вонредни надзори кај индустриските објекти во зоната кои се под државна надлежност, при што не биле утврдени законски нерегуларности, односно субјектите постапувале согласно пропишаните услови во еколошките дозволи за управување со отпадните води.
„Важно е да се напомене дека квалитетот на водите во овој појас е под влијание на повеќе различни фактори, вклучувајќи ги комуналните и атмосферските води, како и активноста на бројните деловни субјекти во околината, поради што сите надлежни органи дејствуваат координирано“,
велат од Министерството.
Белата пена на површината на Вардар беше забележана на 24 јули кај вливот на реката Лепенец, што предизвика лавина реакции во јавноста и сомнежи за можно загадување на реката. Настанот го потврди и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој соопшти дека по пријавата, на терен веднаш излегле инспектори од МЖСПП и од Град Скопје, како и екипи од „Водовод и канализација“ кои земаа примероци за испитување на реката.






