ГЕНЕРАЛНА ПРОБА
На 8 Септември ќе славиме 35 години независна држава, па ајде овој Илинден нека ни биде генерална проба за конечно вистински да почнеме ја славиме Републиката, а не да ги славиме партиите.
Не дека партиите нема да се потрудат да ни го расипат и овој Илинден. Ме фаќа нервоза само што ќе помислам колку отров ќе изблујат политичарите едни против други. Ќе повикуваат на обединување, а ќе шират омраза за дополнително разединување. А ние ќе ги пребројуваме, кој каде се појавил, кој не би тука, кој кому се заканил, кој какво знаме развеал, кој со кого се поздравил, кој колку автобуси изнајмил, кому му ракоплескале, кого исвиркале, кој кого ќе прогласи за предавник…
Како да забораваме дека празникот не е на политичарите што ќе се наредат пред камерите и ќе прочитаат говори што не ги слушаат ни нивните партиски послушници.
Во 2022 пред Илинден напишав „Празникот не е на партиите и на политичарите. Празникот е наш“.
И годинава сакам да го кажам истото, но и да потсетам дека на 8 Септември ќе славиме 35 години независна држава.
Па, ајде големиот државен празник 2 Август нека ни биде генерална проба за конечно вистински да почнеме ја славиме Републиката, а не да ги славиме партиите.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






