Дебар без доволно вода: ЈКП „Стандард“ со апел – не полнете базени и не наводнувајте градини

Јавното комунално претпријатие „Стандард“ од Дебар попладнево повторно апелираше до граѓаните рационално да ја користат водата и таа да се употребува исклучиво за основните животни потреби.
Од претпријатието посочуваат дека во изминатите денови и недели голем број жители во повеќе населби се соочуваат со недостиг на вода за пиење и додаваат дека целосно го разбираат незадоволството на граѓаните.
„Од 1 јули воведовме четиричасовни, а потоа и петчасовни рестрикции во населбите Венец 1, Венец 2, Тараник и Ќернаница. Сепак, состојбата станува сè посериозна, па во одредени делови од градот вода нема и по повеќе часови, особено на повисоките катови од станбените згради“, наведуваат од ЈКП „Стандард“.
Од претпријатието ги повикуваат граѓаните да не ја користат водата за наводнување на градини, полнење базени, миење дворови и тротоари, нагласувајќи дека секоја несуштинска потрошувачка претставува злоупотреба.
„Секој заштеден литар вода значи повеќе семејства да имаат пристап до вода за пиење во овој период“, велат од претпријатието.
Рестрикции има и во селото Долно Косоврасти, каде што водата се исклучува во периодот од 10 до 13 часот.
ЈКП „Стандард“ стопанисува со водоводниот систем Росоки – Дебар, кој се снабдува од изворите во селото Росоки, во областа Мала Река, познати по висококвалитетната вода.
Според надлежните, во главниот резервоар пристигнуваат количини доволни за повеќе од 40.000 жители, иако Дебар има околу 10.000 жители, а во летниот период бројот дополнително се зголемува поради доаѓањето на иселениците.
Од претпријатието оценуваат дека главна причина за недостигот на вода се нерационалната потрошувачка, злоупотребата на водата, дивите приклучоци и ненаплатените сметки, поради што рестрикциите веќе со години се повторуваат во текот на летните месеци.
Извор: fokus.mk






