Општина Охрид не издавала плажи под концесија — активисти прашуваат: „Како тогаш тие се окупирани со лежалки?“

Еколошката организација „О2 Иницијатива“ продолжува со своите јавни објави и реакции за состојбата на плажите крај Охридското Езеро, за кои рекоа дека се „дива лига“ — насекаде се поставени лежалки и не се почитуваат препораките на УНЕСКО. Се обратиле и до општинарите за овој проблем, но од таму добиле одговор дека локалната самоуправа нема склучено договори за закуп и нема издадено плажи на концесии на езерото.
„Општината нема склучено договори за закуп и нема издадено плажи на концесии, а лежалки ги окупираат плажите! Дива лига!“, велат од „О2 Иницијатива“.

Тие пред една недела посочија и педесет отсто од просторот од плажата треба да е оставен слободен, без лежалки и друга опрема.
„Канео и Потпеш се лежалка до лежалка, со бетонирани ѕитчиња и слично. Ни инспекција постапува, ни градоначалникот Пецаков се потресува. Сите глумат лудило“, реагираа од „О2 Иницијатива“.
Оттаму рекоа дека во европските земји стриктно се спроведува законот, како на пример во Португалија каде што 70 отсто од плажата мора да е оставена слободна, а исто така и 50 проценти од нејзината должина.
„Во Грција 50 и 70 отсто во Натура подрачјата од плажата треба да се слободни и 4 метри од брегот мора да е слободен без лежалки, плажи потесни од 4 метри и помали од 150 метри квадратни не може да се изнајмуваат. Кај нас во единственото УНЕСКО заштитено светско наследство, едно од само 38 во светот, се тера дива лига, без правила и осет за заштита на природното и културно наследство“, рекоа од „О2 Иницијатива“.
Извор: slobodenpecat.mk






