Почина д-р Никола Стојановски – еден од последните живи првоборци од НОБ
Почина д-р Никола Стојановски – првиот претседавач на повеќепартиското Собрание и еден од последните живи првоборци од НОБ, долгогодишен претседател и почесен претседател на Сојузот на борците на Македонија.

Со смртта на д-р Никола Стојановски, Македонија изгуби сведок на речиси цел еден век од својата современа историја – лекар, антифашист, пратеник и јавен деец, чиј живот беше нераскинливо поврзан со најзначајните настани во државата, од Народноослободителната борба до воспоставувањето на парламентарната демократија.
– Advertisements –
Д-р Никола Стојановски е роден на 8 февруари 1923 година во велешкото село Скачинци.
Уште како гимназијалец се вклучил во отпорот против окупацијата, а во март 1942 година бил меѓу учениците што учествувале во познатиот штрајк на велешките гимназијалци против наметнувањето на бугарскиот јазик во наставата.
Подоцна се приклучил на Народноослободителното движење и остана еден од последните живи учесници во антифашистичката борба.
По ослободувањето го избрал медицинскиот повик. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1952 година, а шест години подоцна ја завршил специјализацијата по педијатрија во Загреб. Во текот на својата професионална кариера работел како педијатар и извесен период бил директор на Општата болница во Велес, оставајќи длабока трага во развојот на детската здравствена заштита. Подоцна се стекнал и со научното звање доктор на медицински науки.
Покрај медицината, д-р Стојановски остана активен и во јавниот живот. На првите повеќепартиски избори во Република Македонија беше избран за пратеник во Собранието. Како највозрасен пратеник, на 8 јануари 1991 година ја отвори и ја водеше конститутивната седница на првиот повеќепартиски состав на македонскиот парламент, сè до изборот на Стојан Андов за претседател на Собранието. Така, неговото име остана запишано како првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Република Македонија.
Во наредните децении беше едно од најпрепознатливите лица на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија. Како долгогодишен претседател на Главниот одбор, а подоцна и почесен претседател на организацијата, се залагаше за зачувување на антифашистичките вредности, историската меморија и достоинството на учесниците во НОБ.
И по стотиот роденден остана активен во јавноста. Често учествуваше на државни одбележувања, комеморации и историски настани, сведочејќи за периодот во кој се создавале темелите на современата македонска држава.
За својот придонес како лекар, борец и општественик беше добитник на повеќе државни и општествени признанија.






