Во водата во Гостивар е откриена опасна бактерија, се доставува питка вода со цистерни“, вели Ангелов
Водата од градскиот водовод во Гостивар е микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање поради присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според Ангелов, оваа бактерија претставува ризик за здравјето, особено за лицата со ослабен имунолошки систем. Таа може да предизвика инфекции на кожата, очите и ушите, а кај почувствителни лица и инфекции на уринарниот тракт и белите дробови. Дополнителен проблем, како што посочува, е тоа што бактеријата покажува висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици.
За да се обезбеди вода за граѓаните, денеска се ангажирани три цистерни со питка и техничка вода. Едната е од Територијалната противпожарна единица Гостивар, една е обезбедена од „Бехтел и Енка“, а третата од Општина Боговиње.
Ангелов информира дека цистерните досега двапати биле упатени кон граѓаните, а до крајот на денот е предвидено да реализираат уште по два тура за дотур на вода.
Дистрибуцијата на водата се спроведува во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар. објави Скопје1.мк






