Како двајца бугарски пратеници со забрана за влез во Македонија, беа на судење во Кочани?

Двајца пратеници од партијата „Ваздражане’ односно Преродба во бугарскиот Парламент со фотографии потврдија дека биле на судење во Кочани на 23-годишната кочанчанка Ива Михајлова која има двојно македонско и бугарско државјанство, иако според судски документи од лани во август имаат забрана за влез во Македонија, објави Телма.

Станува збор за бугарските пратеници Крсто Врачев и Ангел Георгиев. Двајцата го искористија судењето на Михајлова за да упатат критики за правната држава и поарака до Европската Унија дека малтретира девојка која се изјаснува како Бугарка.

Но, и двајцата пратеници се опфатени со пресудата на битолскиот Основен суд со ознака ПРК-О- 263/25 со која на вкупно 27 лица, сите пратеници на бугарската партија Преродба им се забранува влез во Македонија бидејќи лани во јуни нелегално ја преминале македонско-грчката граница и илегално престојувале повеќе денови. Врачев и Георгиев, како и целата група чии фотографии се обајевни на ФБ биле осудени на 8-ми август лани, а покрај едногодишната забрана за влез во Македонија добиле и прекршочна казна од 50 до 230 евра.

И покрај забраната за влез, Врачев и Георгиев минатата недела успеале да ја поминат границата и да влезат во судницата во Кочани. Од МВР ни одговорија дека за пресудата за забрана за влез треба да се обратиме до битолскиот суд и дека не може да дадат податоци за преминување на границата.

Министерството за внатрешни работи не споделува информации за влез и излез на лица по барање на трети лица. Tакви информации се доставуваат исклучиво по барање на надлежен државен орган, согласно законските прописи, или на самото лице за негови лични потреби, согласно важечките процедури, велат од МВР

И покрај забраната за влез во Македонија, бугарските пратеници Врачев и Георгиев беа на судењето на кое Михајлова е обвинета за сообраќајна несреќа со загинат иако таа и нејзината одбрана негираат одговорност и бараат да и се вратат пасошите за да може да се лекува во Бугарија. Случајот го следи и бугарското МНР, а нејзиниот адвокат ни потврди дека поднесено е конзилијарно мислење во ново барање до кочанскиот суд за да и се вратат пасошите и таа да се лекува во Софија. Судот треба да одлучи во текот на наредната недела.

Back to top button
Close