Товарниот сообраќај на Дунав во Австрија речиси е целосно прекинат поради нискиот водостој
Речниот товарен сообраќај на австрискиот дел од Дунав е речиси целосно во прекин поради исклучително нискиот водостој на реката, соопшти синоќа австриското Министерство за иновации, мобилност и инфраструктура.

„Товарната пловидба практично е прекината, додека сообраќајот на речните крстаречки бродови исто така е значително ограничен“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството.
Министерството предупреди дека водостојот на делниците од Дунав кои немаат хидротехнички објекти изнесува околу 60 сантиметри, што е под повеќегодишниот просек за периоди на низок водостој. Во долината Вахау во Долна Австрија, пловниот канал во моментот е длабок околу два метри, додека источно од Виена длабочината на пловната траса изнесува околу 1,8 метри.
Тековниот период на низок водостој на Дунав е споредлив со претходните најзначајни години со екстремно ниско ниво на водата, 2003 и 2018 година, која беше последната година со волку рекордно низок водостој.
Обемот на транспорт на австрискиот дел од Дунав веќе бележи пад од 25,1 отсто — од 9,6 милиони тони на 7,2 милиони тони — а оваа година се очекува дополнително намалување на транспортот поради сушата и ниското ниво на реката.
„Иако нема официјални затворања на реката, оптоварувањето на пловниот пат од страна на товарните бродови би требало значително да се намали, а преминот кон железнички или друмски транспорт во овој момент би бил поекономичен“, се наведува во соопштението на австриското Министерство за иновации, мобилност и инфраструктура.
Со сливно подрачје од приближно 800.000 квадратни километри, кое се протега од Шварцвалд до Црното Море, нискиот водостој на Дунав претставува сериозен сеопфатен европски предизвик






