Над пола милион евра за поправки на барокниот МНТ
Тендерот од над 560 илјади евра го доби фирмата „Мартин инженеринг.“ За тие пари, фирмата, во рок од три месеци, треба да ги санира двете тераси на јужната и на западната страна на објектот, да го санира ентериерот, да ги репарира столчињата и да го замени теписонот.
Според тендерската документација, станува збор за темелен зафат, кој практично ќе ги „соголи“ терасите, ќе се отстрануваат сите површински слоеви за да се дојде до бетонската плоча. Во спецификацијата пишува дека ќе се демонтираат, кршат и ќе се отстрануваат пристапните скали поставени на фасадниот дел од терасата, а ќе се поставува и нова хидроизолација.
За да се задржи постојниот изглед, ќе се поставуваат столпчиња и декоративни елементи за излупената ограда со слоеви од стиропор. Во документацијата пишува дека т.н. „балустради“, односно елементи за оградата, треба да се изработени од лесен материјал и да бидат заштитени со полиакрилна и боја што не пропушта вода.

Изведбата треба да биде според цртежите, техничките спецификации, препораките на производителот, но одобрување треба да даде и надзорниот орган на МНТ.
Освен овие поголеми интервенции, ќе се вади стариот теписон и ќе се става нов, а ќе се репарираат и 700 столчиња поради тоа што се амортизирани.
Изведувачот треба две години да гарантира за изведбата





