Заштитете ги работниците од топлотниот бран – им порача Сојузот на синдикатите на работодавците
Сојузот на синдикатите на Македонија ги потсетува работниците дека доколку не се почитуваат нивните права, тоа може да го пријават кај синдикалниот претставник, претставникот на работниците за безбедност и здравје при работа, во Државниот инспекторат за труд, како и во самиот Сојуз

Сојузот на синдикатите на Македонија бара работодавците да ги заштитат работниците од топлотниот бран со температури до 40 степени, кој ја зафати земјава.
Оттаму бараат работодавците да ги почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа, да го намалат и исклучат работењето на отворено за работниците во најтоплите делови од денот, како и да ги обезбедат сите средства и мерки за заштита на животот и здравјето на работниците во овие услови.
„Потребно е да се почитуваат мерките на заштита и претпазливост за време на високи амбиентни температури, а за што веќе објави Институтот за јавно здравје. Укажуваме дека од особено значење е да се почитуваат соодветните мерки за заштита на здравјето и животот на возрасните, хронично болните и бремените работнички. Значењето на животот и здравјето на работниците во овие услови на екстремно високи температури е од исклучителна важност и сите заедно треба да го зачуваме здравјето на работниците и граѓаните, тие се двигатели на општеството“,
се вели во нивната реакција.
Сојузот на синдикатите на Македонија ги потсетува работниците дека доколку не се почитуваат нивните права, тоа може да го пријават кај синдикалниот претставник, претставникот на работниците за безбедност и здравје при работа, во Државниот инспекторат за труд, како и во самиот Сојуз.
Инаку, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека под влијание на топла воздушна маса од југ продолжува периодот на сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност во текот на денот. Дневната температура насекаде ќе биде над 33°C, а во некои места ќе надмине 40°C. Високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови.
По ваквите најави, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита од екстремно топлото време.
Меѓу препораките се избегнување директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа, останување во затворени и климатизирани простории, при престој на отворено да се прават чести одмори под сенка, да се внесува умерена количина храна, да се избегнува масна и висококалорична храна, како и храна која содржи голема количина шеќер, да се внесува доволно вода, да се избегнува алкохол, пијалаци што содржат кофеин и многу студени пијалаци.
Откако УХМР најави температури над 40 степени, ИЈЗ објави препораки за заштита од топлото време
Владата, пак, прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија на државата поради зголемените ризици и опасности од пожари на отворен простор и шумски пожари. Кризната состојба почна на 1 август и ќе трае до крајот на месецот.
Владата прогласи 30-дневна кризна состојба поради зголемените ризици од пожари






