Детали за сообраќајката пред Битола: Верижен судир на 4 возила, 8 лица хоспитализирани
Тешка сообраќајна несреќа утрово го блокираше магистралниот пат А3 Битола – Прилеп, во близина на мостот на реката Шемница. Во верижниот судир учествувале четири возила, а сообраќајот на оваа делница е во прекин од 09:00 часот.

Веднаш по пријавата, на местото на несреќата интервенирале екипи на СВР Битола, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола и Службата за итна медицинска помош.
– Advertisements –
Во Клиничката болница во Битола биле пренесени осум лица со тешки телесни повреди. Од нив, едно лице поради сериозноста на повредите веднаш било однесено на операција. Шест пациенти се задржани на Одделението за хирургија, а двајца се хоспитализирани на Одделението за ортопедија. Според информациите од болницата, останатите повредени се во стабилна состојба и се под постојан лекарски надзор.
Од ТППЕ Битола информираат дека, и покрај силината на судирот, не избувнал пожар на ниту едно од четирите возила.
Патниот правец Битола – Прилеп и понатаму е затворен за сообраќај во двата правци. На местото на несреќата се врши увид од екипи на СВР Битола и надлежен јавен обвинител, по чие завршување се очекуваат повеќе информации за причините за несреќата





