Околу 800 жители од улицата „Антон Попов 1“ стравуваат дека ископите за подземната сообраќајница кај „Лимак“ ќе ја загрозат безбедноста на нивната зграда

Жителите и сопствениците на деловни простори во станбениот комплекс на улицата „Антон Попов 1“ во центарот на Скопје изразуваат загриженост поради претстојната изградба на влезот во подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“. Според нив, ископите што се планирани во непосредна близина на објектот можат да ја доведат во прашање безбедноста на зградата и на нејзините жители.

Screenshot

Град Скопје треба да ја започне втората фаза од реализацијата на булеварот „Македонија“, која предвидува изградба на влезот во подземната сообраќајница, како и два кружни тека – кај булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Железничка“. За проектот веќе е потпишан договор во вредност од 12 милиони евра, а почетокот на градежните активности се очекува во текот на летниот период.

Станарите велат дека побарале детални информации од Град Скопје за начинот на кој ќе се изведуваат работите, но досега не добиле официјален одговор. Поради тоа најавуваат дека, доколку институциите продолжат да молчат, ќе организираат протести.

Во дописот што го испратиле до градските власти посочуваат дека во комплексот живеат околу 800 жители во 200 станови, а таму функционираат и 20 деловни субјекти. Велат дека загриженоста се појавила откако од промотивните материјали увиделе дека влезот во подземната сообраќајница ќе се гради непосредно пред нивната зграда.

Според нив, со ваквото решение нема да биде обезбеден соодветен пристап за возила, вклучително и за итната медицинска помош и противпожарните служби. Дополнително, стравуваат дека ископите во близина на темелите би можеле да влијаат врз статиката на објектот.

Жителите тврдат дека на 20 јули одржале средба со претставници на Град Скопје, на која им било ветено дека во рок од три работни дена ќе биде организирана јавна презентација на проектот и неговото влијание врз околните објекти. Според нив, таква презентација сè уште не се одржала.

„Не сме против изградба на нова инфраструктура, но бараме целосна транспарентност и гаранции дека безбедноста на жителите нема да биде доведена во прашање“, наведуваат станарите.

Од Град Скопје, пак, велат дека за време на градежните работи нема да биде прекинат пристапот до зградата и дека се разгледува можност за алтернативен пристап од булеварот „Македонија“.

Од Градот додаваат дека, според проектното решение, сообраќајницата ќе биде изградена на нивото на постојниот паркинг, поради што нема да се изведуваат големи ископи. Потенцираат дека документацијата е изработена согласно на сите законски прописи и стандарди и дека за време на изградбата ќе има постојан стручен надзор и ќе бидат применети сите мерки за безбедно изведување на работите.

Проектот за подземната сообраќајница кај „Лимак“ започна во 2012 година со потпишувањето на договорот со турскиот инвеститор. По долгогодишни одложувања, првата фаза веќе е реализирана, а актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски најавува дека целиот проект ќе биде завршен во текот на неговиот мандат.

Според проектната документација, подземната сообраќајница ќе биде долга 746 метри и широка 37 метри, со по две сообраќајни ленти во двата правци, помошни ленти и две трамвајски линии во средишниот дел објави Скопје1.мк

Back to top button
Close