СДСМ: Кој оди на екскурзија во Брисел среде лето? Само оној што има таен план „под радарот“

Во пресрет на посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Брисел, СДСМ преку соопштение обвини дека Владата подготвува „таен план“ поврзан со евроинтеграциите и евентуалното продолжување на преговорите со Европската Унија.

Од партијата велат дека Брисел во август не е дестинација за туристички посети, туку место каде што се оди исклучиво кога има конкретни разговори со институциите на Европската Унија. Според нив, посетата на Мицкоски доаѓа во период кога Владата нема резултати на другите полиња и единствениот начин да покаже успех е преку отворање на преговорите со ЕУ.

СДСМ тврди дека тоа, според нив, значи прифаќање на францускиот предлог, повикувајќи се и на неодамнешните изјави на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за преговори „под радарот“.

Во партиското соопштение се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ во минатото давала ветувања за името, Преспанскиот договор, преговарачката рамка и протоколите, а дека денес, според СДСМ, самата ги демантира тие позиции.

Од СДСМ посочуваат и на изјави на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на министерот Муцунски и на премиерот Мицкоски, оценувајќи дека тие покажуваат промена на ставовите во однос на евроинтегративниот процес и меѓународните договори.

Партијата оценува дека Владата се обидува да ја сокрие, како што велат, вистинската агенда од јавноста и од своето гласачко тело, поради што посетата на Брисел ја нарекува дел од „таен план“ за европските интеграции. СДСМ додава дека, според нив, актуелната власт ги погазила предизборните ветувања и дека граѓаните заслужуваат целосна транспарентност за разговорите што ќе се водат со Европската Унија.

Back to top button
Close