Не размислуваме за зголемување на цената на струјата, вели премиерот
Не размислуваме за зголемување на цената на струјата, кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој вели дека иако од почетокот на годината наваму има големи предизвици, Владата се справува.

Одговорот на Мицкоски дојде по новинарско прашање – колку вложувањето во обновливи извори на енергија ќе ја зголеми отпорноста на енергетскиот систем на климатските промени, кои веќе не се само еколошки, туку и енергетски предизвик.
Премиерот потсети дека на пример реката Дунав на одредени делови е на најниското ниво во последните сто години и дека тоа врши притисок на цената за енергија, што не очекува да се случи и кај нас.
„Ние како земја успеавме да направиме механизам тоа да не се случи. Јас можам да кажам дека нашите акумулации во овој момент, при крајот на сезоната за наводнување, се околу 70 проценти и имаме речиси петстотини гигават-часови акумулирана електрична енергија. Сосема доволно за да се чувствуваме безбедни, комотни и да немаме предизвик во делот на снабдувањето со електрична енергија на граѓаните и на индустријата. И нема да правиме панични прес-конференции, нема да повикуваме на внимателност при штедењето, бидејќи водевме сметка многу порано за да не се случи тоа. Јас сум среќен и задоволен што ја поминавме сезоната со наводнување онака како што планиравме, а сепак во овој период од месецот, 6 август, имаме над 70 проценти од акумулациите полни и подготвени хидроелектрани да произведуваат електрична енергија. Ние не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија, ние правиме план како да најдеме формула да ја намалиме или барем евтината тарифа да ја зголемиме, за разлика од најголемиот дел од земјите од Европа кои планираат да ја зголемат цената на електричната енергија“рече Мицкоски.
Тој напомена дека според сите светски енергетски познавачи, војната во Иран претставува историски најголема енергетска криза, но вели дека Владата не реагирала панично.
„Откако почна тој конфликт, сведоци сме дека голем број политичари, вклучително и политичари од регионот држеа панични прес-конференции, се обидуваа да укажат кон предизвикот што се случуваше и последиците од истиот. Ние не очајувавме, напротив, испраќавме пораки на смиреност. Дека имаме доволни резерви, дека нема потреба да го ограничиме и извозот од нашите капацитети, дека тука сме да помогнеме и за граѓаните од соседните земји со тоа што понудивме најниски цени за горивата и на тој начин педесетина проценти во одредени денови се зголеми потрошувачката на горивата поради притисокот кој го правеа граѓаните од соседните земји. Отприлика по половина евро по литар понудивме поевтини горива по литар споредбено со тоа што го имаа одредени соседи. Политиката на оваа влада да работи тивко, но сето тоа да додаде вредност врз квалитетот на живот“кажа Мицкоски и посочи дека се реализираат и капитални проекти во делот на енергетиката, а ја спомена и приватната инвестиција во делот на обновливата енергија – ветропаркот на компанијата Алказар.






