Со грант од ЕУ и кредити ќе се гради третата фаза од пругата кон Бугарија

За власта ова е најсложен инфраструктурен проект што го имала државата. На 22 километри ќе има вкупно 21 тунел и уште 52 мостови и вијадукти

Овој проект нема да заврши на половина тунел, во слепа улица, кажа премиерот Мицкоски

 

Со 149 милиони евра грант од Европската Унија и по 175 милиони евра кредити и од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој, почнува третата фаза од изградбата на железничкиот коридор 8, делница Крива Паланка – Деве Баир.

 

Договорите за финансирање беа потпишани денеска во Владата.

 

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски рече дека изградбата на Коридорот 8 е еден од врвните приоритети на Владата.

 

„Не беше лесно во овие две години, беше доста предизвикувачки. Особено значајно е што успеавме да постигнеме договор со Бугарија за изградба на прекуграничен железнички тунел којшто треба да ги спои двете држави и само на тој начин овој проект добива смисла. Минатата година во ноември го потпишавме договорот, а веќе минатата недела се одржа првиот меѓуресорски и меѓувладин состанок во Софија. Очекуваме на крајот на овој месец да се одржи вториот меѓувладин состанок во Скопје. Порака е таму јасна, дека двете држави испраќаат заедничко писмо до Европската Унија, европската Банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка за обезбедување на грант-средства за изградба на прекуграничниот железнички тунел. Тоа се средства со коишто заеднички ќе може да се реализира овој проект“,

 

кажа Николовски.

Железничкиот Коридор 8 е клучно сообраќајно крило со стратешко значење за Балканот и за цела Европа.

 

Првата фаза од Куманово до Бељаковце веќе е пуштена во сообраќај, а од втората фаза, изградбата на делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во тек. Власта го оценува како најсложен инфраструктурен проект што го имала државата. Се најавува дека на 22 километри ќе има вкупно 21 тунел и уште 52 мостови и вијадукти.

 

„Преку 60 проценти од оваа траса ќе бидат во мостови и во тунели и тоа е технолошки навистина предизвикувачко. Се работи за тешка теренска пристапност и има потреба од дополнителни геодетски, хидролошки, геолошки и геотехнички истражувања… Верувам дека во зададениот рок оваа делница ќе биде завршена и сите ние ќе бидеме сведоци дека ние како држава можеме да изведуваме сериозни и технолошко специфични капитални проекти“,

 

рече денеска директорот на Македонски железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски.

Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека до пред само две години, овој проект подразбирал дека работата треба да заврши на половина тунел, што сега не е случај.

 

„Требаше време. Требаше да се постигне напредок во разговорите со нашиот источен сосед, тој напредок се постигна, се потпишаа договори, имаме обврска (заложба) од двете страни и имаме тунел којшто е практично трет дел од проектот. Бидејќи, ако третата секција завршува до почетокот на тунелот, од завршувањето на тунелот до поврзувањето со националната железница во Софија имаме заложба од страна на нашиот источен сосед за јасна модернизација на тој дел од Коридорот 8 и имаме заеднички проект – тоа е тунелот којшто очекуваме да биде целосно финансиран како грант од страна на Европската комисија“, кажа Мицкоски.

Back to top button
Close