Институции без одговорност, држава без иднина

Еуростандард банка, случај што го разоткрива системот

Трифун Костовски

 

Еуростандард банка, случај што го разоткрива системот

Почитувани читатели,

Неизвесноста во оваа наша држава станува сè поизвесна и сеприсутна. Несигурноста, полека и сигурно навлегува во речиси секој сегмент од нашето секојдневие. Кога негативностите преовладуваат, оптимизмот и надежта завладуваат. Граѓаните имаат хронично чувство дека се разнишани темелите на иднината.

Државата и нејзините институции треба да бидат темелот врз кој ја градиме нашата иднина. Сведоци сме на бројни девијантни појави што постепено стануваат дел од нашето секојдневие. Се прифаќаат како нормалност во здравството, образованието, културата, спортот и во функционирањето на правосудниот систем. Обичниот граѓанин сè потешко верува дека ќе добие навремена и достоинствена здравствена заштита. Образованието е доведено до загрижувачки ниско ниво. Спортот најчесто го доживуваме како навивачи, наместо како област во која нашата држава ќе создава рамноправни и достоинствени учесници на светската спортска сцена. Културата, пак, преживува наместо да создава, да живее.

 

Зошто ни се случува сето ова?

Мојот одговор го гледам првенствено во начинот на кој извршната власт и политичките партии ја водеа државата во изминатите 35 години. Не успеавме да создадеме политички партии со вистински лидери и стручни тимови кои ќе имаат долгорочна визија за држава со здрави, образовани, среќни и достоинствени граѓани. Не е проблемот во тоа што немаме институции. Ние формално ги имаме речиси сите институции што ги имаат современите демократски држави. Проблемот е во начинот на кој тие институции се раководат, во изборот на луѓето што одлучуваат и во отсуството на вистинска одговорност.

Институцијата не ја прави само нејзиното име, натпис на метална плоча, туку луѓето што одлучуваат во нејзино име и нивната личносна етикеција.

Кога на раководни позиции не се избира според знаење, интегритет, искуство и лични заслуги, туку според волјата на партиските центри на моќ, институцијата престанува да им служи на граѓаните. Таа станува продолжена рака на оние што ја контролираат.

Функцијата не е привилегија. Функцијата е обврска, а секоја одлука донесена од позиција на моќ мора да биде поткрепена со факти и подложна на јавна проверка.

Во случајот со стечајот на Еуростандард банка, три личности што извршуваа или сè уште извршуваат високи и одговорни функции, според моето лично искуство и уверување, имале исклучително значајна улога за нејзината судбина Тоа се господата: Бежоска од Народната банка, поранешниот директор на Управата за финансиско разузнавање Трендафилов.и обвинителката од ОЈО ГОКК Коларевиќ.

 

Одлуката за стечај и неодговорените прашања

Г-ѓа Бежоска ја донесе одлуката со која Еуростандард банка беше однесена во стечај. Мојот став е дека јавноста до денес нема добиено целосни, убедливи и проверливи одговори што би покажале дека стечајот бил единственото можно и оправдано решение. Останува клучното прашање, дали пред донесувањето на одлуката биле искористени и темелно разгледани сите инструменти што ѝ стоеле на располагање на Народната банка за стабилизирање и опстанок на банката? Верувам дека тие можности не биле соодветно искористени. Поради тоа, основано барам да се испита дали целта навистина била спасување на банката и заштита на финансискиот систем или, пак, нејзино дефинитивно затворање.

Кога една институција ќе одлучи да згасне една банка, таа не затвора само правно лице. Таа влијае врз судбината на штедачите, клиентите, вработените, акционерите и нивните семејства.Затоа, ваква судбоносна одлука не смее да остане зад затворени врати и општи образложенија. Таа мора да издржи независна стручна, правна и јавна проверка. Шест години по отворањето на стечајот, информациите за текот на постапката и за средствата собрани во стечајната маса, според моето разбирање, отвораат сериозно прашање дали стечајот навистина бил неопходен во моментот кога бил прогласен. Доколку од стечајната маса бидат обесштетени сите правни и физички лица, а тие се клиенти на банката, вклучително и Фондот за осигурување депозити, тогаш јавноста има право да праша, врз основа на кои процени е донесена одлуката и кој ќе понесе одговорност ако се утврди дека таа предизвикала непотребна и огромна штета?

Моето прашање не е зошто системот ја штити институцијата, туку дали системот ја штити законитоста или ги штити оние што одлучувале во негово име?

 

Наводите за перење пари

Управата за финансиско разузнавање доставуваше документи до институциите надлежни за гонење организиран криминал, со кои, според моето сознание, Еуростандард банка се поврзуваше со сомневања за перење пари. Господинот Трендафилов, кој ја извршуваше функцијата директор, учествувал во подготвувањето и доставувањето на тие документи. Но, според моето разбирање на конечниот обвинителен акт, обвинение за перење пари во банката нема.

Токму затоа се наметнуваат многу прашања. На кои конкретни факти и докази се засновале првичните сомневања? Кој ги проверил тие наводи? Какви последици предизвикале тие врз банката и врз луѓето поврзани со неа? И кој ќе одговара доколку се утврди дека сомневањата биле неосновани или несоодветно претставени?

Државата има право да се сомнева и да истражува, но нема право сомневањето да го претвори во пресуда пред фактите да бидат утврдени.

Во однос на образованието и биографијата на г. Трендафилов, во јавноста биле објавени информации што отвораат дополнителни прашања. Според објави во медиумот „Нетпрес“, на 29 октомври 2018 година до Министерството за внатрешни работи била поднесена претставка за проверка на веродостојноста на документите со кои се верифицирало неговото образование. Во истите медиумски објави се изнесуваат необични и меѓусебно тешко усогласливи податоци за две завршени средни училишта, три високообразовни институции и повеќе професионални ангажмани во периодот на неговото студирање. Овие информации ги пренесувам како јавно објавени наводи, а не како факти чија вистинитост лично сум ја утврдил. Токму затоа надлежните институции требало навремено да ги проверат и јавно да соопштат што утврдиле. Доколку документите се веродостојни, тоа требало јасно да се потврди. Доколку не се, требало да се постапи во согласност со законот.

Молкот не е одговор. Молкот само го продлабочува сомневањето дека за одредени луѓе важат поинакви правила. Јас не молчам!

Одговорноста не започнува со лицето што ја добило функцијата. Таа започнува со оние што го предложиле, го избрале и одлучиле да не го контролираат.

Мојот личен заклучок е дека коренот на проблемот е во системот, длабоко изложен на влијанието и контролата на партиите на власт.

 

Истрага долга пет и пол години

Обвинителката г-ѓа Коларевиќ ја водеше истрагата пет и пол години, по што постапката заврши со обвинителен акт и предлог за отворање судска постапка поради наводна моја несовесност. За време на толку долга истрага, обвинителството имало можност да го следи и текот на стечајната постапка, како и приливот на финансиски средства во стечајната маса. Затоа очекував да биде разгледано и основното прашање, дали резултатите од стечајната постапка ја потврдуваат или ја доведуваат во прашање почетната основа врз која бил изграден целиот случај?

Во истрагата, според моето разбирање на обвинителниот акт, не биле утврдени перење пари и организиран криминал во банката. Ако тоа е така, тогаш јавноста заслужува објаснување зошто предметот останал во надлежност на ОЈО ГОКК и врз кои конкретни факти се темели обвинението за моја несовесност.

Пет и пол години истрага не смеат да завршат само со обвинение. Тие мора да завршат со јасни, проверливи и логично поврзани докази.

Првично споменуваната загуба од 50 милиони евра подоцна беше сведена на 27 милиони евра. Толку голема разлика не е безначајна сметководствена корекција. Таа бара прецизно, стручно и јавно образложение, како е добиена првата сума, врз основа на кои податоци е намалена и дали во пресметките биле земени предвид наплатените, но и наплатливите побарувања на банката? Не тврдам дека само разликата меѓу овие две суми однапред го докажува конечниот исход. Но, тврдам дека таа создава сериозно и легитимно сомневање што мора да биде расчистено пред независен суд.

Г-ѓо Коларевиќ, при мојот втор исказ Ви беа доставени информации за кои сметам дека, по службена должност, требаше да бидат темелно проверени. Дали беа проверени? Ако беа, што беше утврдено? Ако не беа, зошто не беа? За мене останува впечатокот дека Народната банка во оваа постапка била третирана како институција чии одлуки не смеат суштински да се преиспитуваат. Но, во правна држава не смее да постои недопирлива институција.

Колку е поголема моќта на една институција, толку поголема мора да биде нејзината одговорност.

Затоа прашувам, кому му служи обвинителството, дали на вистината и на граѓаните или на заштитата на одредени поединци и институционални одлуки?

Системот не смее да се истражува самиот себе и однапред да се прогласува за невин

 

Почитувани читатели,

Убеден сум дека вистината за Еуростандард банка ќе излезе на виделина. Институциите под државна капа не смеат да се штитат меѓусебно само затоа што утврдувањето на пропустите би можело да доведе до политичка, професионална, кривична или материјална одговорност. Доколку независна постапка утврди дека одлуките биле законити, стручни и оправдани, јавноста треба да ги види доказите. Но, доколку се утврди дека биле направени пропусти, дека биле игнорирани расположливи решенија или дека поединци биле неправедно изложени на прогон и јавна осуда, одговорност мора да има.

Правната држава не се докажува со бројот на институциите што ги има, туку со нивната подготвеност да ги преиспитуваат и сопствените одлуки.

Не барам привилегија. Не барам заштита од вистината. Барам фактите да бидат испитани подеднакво за сите, и за мене, и за Народната банка, и за Управата за финансиско разузнавање, и за обвинителството. Не повикувам на пресуда преку медиумите. Повикувам на независна, целосна и транспарентна институционална проверка, затоа што, кога институциите се штитат меѓусебно, граѓаните останува без заштита. Кога функцијата е посилна од законот, правдата станува недостижна. А кога молкот станува правило, јавно поставеното прашање станува должност. Јас продолжувам со мојата должност.

Вистината може да биде одложувана, оспорувана и прикриена, но не може засекогаш да остане во стечај.

Јас нема да молчам. Ќе продолжам да ги поставувам прашањата што институциите ги избегнуваат. Ќе продолжам да барам проверка на секој документ, секоја одлука и секоја бројка. Ќе продолжам да барам одговорност, не како чин на одмазда, туку како предуслов никогаш повеќе ниту еден граѓанин да не биде оставен сам пред моќта на системот.

Затоа што, држава без одговорност е систем без иднина, а вистина без истрајност е само надеж. Пуста надеж.

Јас продолжувам…

Back to top button
Close