Заробената правда ќе ѝ испорача милионска сметка на Македонија
Трифун Костовски

Деновиве повторно го почувствував камшикот на нашиот правосуден систем.
Мојата жалба за одмрзнување на имотот беше одбиена. Речиси шест години не смеам ниту да стопанисувам со тој имот, ниту да го отуѓам, а истовремено сум должен да го одржувам исклучиво на сопствена сметка.
Кога правдата се одложува со години, таа престанува да биде правда и станува казна.
Судскиот систем практично ме принудува својот животен пат да го продолжам на вода и воздух. Судскиот совет на Основниот кривичен суд го одби моето барање за ослободување на замрзнатиот имот како неосновано, со образложение дека ОЈО ГОКК поднело обвинителен предлог против мене поради наводна несовесност.
Но, за каква моја несовесност станува збор
Чистата совест во текот на целиот мој живот била мојот највисок дострел. Очигледно, во нашето секојдневие тоа не значи многу кога поединецот ќе се најде спроти моќта на институциите.
Замрзнатиот имот без навремена судска разрешница е пресуда без судење.
Јавната обвинителка Коларевиќ повеќе од пет и пол години го водеше предметот поврзан со стечајот на Еуростандард банка. Институционално, нејзиното постапување се смета за совесно затоа што зад неа стои ОЈО ГОКК. Но фактите, според мене, отвораат сериозни прашања.
Првично споменуваната загуба од околу 50 милиони евра во обвинителниот предлог е намалена на 27 милиони евра. Во меѓувреме, како што ѝ е познато и на јавноста, значителен дел од оваа сума е наплатен и исплатен на комитентите.
Оттука произлегува едно легитимно прашање: ако против граѓаните може да се покренува постапка поради наводна несовесност, дали може да се испита и евентуалната одговорност на јавен обвинител за начинот на кој бил воден предметот?
Не може граѓанинот однапред да биде жигосан, а институциите да бидат ослободени од секоја одговорност.
Зошто јас и уште три лица, за кои е предложено отворање судска постапка, однапред сме жигосани? Моето уверување е дека причините треба да се бараат во тесните партиски интереси и политичките пресметки.
Во текот на изминатиот летен период, за само еден месец, ОЈО ГОКК ги затвори предметите „Мазут“, „Талир 1“ и „Талир 2“. Во јавноста неизбежно се отвора сомнежот дали станува збор за политичка компензација меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.Предметот за Еуростандард банка, според мене, се претвори во колатерална жртва, затоа што ОЈО ГОКК и натаму мора да ја демонстрира својата моќ — но на туѓа сметка.
Јавноста мора да знае дека во стечајната маса на Еуростандард банка допрва ќе бидат собрани уште многу милиони евра. Токму овие средства можат да покажат колку било неосновано и штетно носењето на банката во стечај.
Кога на највисоките државни позиции се поставуваат луѓе чие образование, професионалност или интегритет предизвикуваат сомнежи, последиците ги плаќаме сите ние — граѓаните на Македонија.
Тоа е суштината на заробената држава.
Ја известувам јавноста дека сме во интензивна комуникација со реномирана адвокатска канцеларија од Вашингтон. Според досегашните согледувања, предметот поврзан со стечајот на Еуростандард банка е зрел за поведување арбитражна постапка.
Пред предметот официјално да биде изнесен пред меѓународна арбитража, мора да бидат завршени расположливите судски постапки во земјава.
Се создава впечаток дека домашните судски институции се свесни за можните последици што на крајот би ги плаќала државата. Токму затоа се поставува прашањето дали постапките намерно се одолжуваат повеќекратно подолго од роковите предвидени со закон.
Заробеното правосудство не ја казнува само жртвата — на крајот сметката ја плаќа целата држава.
Европската Унија одамна укажува на слабостите на македонскиот правосуден систем и на неговата подложност на политички и други влијанија. Сè поочигледно е дека партиите на власт повеќе сакаат декларативно приближување кон Европската Унија отколку вистински реформи и членство засновано врз европски вредности.
На Македонија ѝ е потребен нов политички субјект, ослободен од етничките и верските поделби. Потребен е современ модел на политичко дејствување, предводен од луѓе со знаење, искуство, карактер и чесност.
Правосудниот систем, како главен столб на функционалната правна држава, мора да претрпи темелни промени. Високите државни функции не смеат да значат недопирливост. Со секоја функција мора да доаѓа и соодветна одговорност.
Држава во која обвинителите и судиите немаат одговорност не може да се нарече функционална правна држава.
Не смееме да дозволиме правдата да биде закопана поради лични и теснопартиски интереси. Не смееме да дозволиме оној што себеси се смета за совесен да биде однапред осуден, додека постапувањето на обвинителите останува надвор од секоја проверка и одговорност.
Свесен сум дека неправдата што лично ја чувствувам во својата татковина не се однесува само на мене. Од разговорите со познати и непознати луѓе дознавам дека во Македонија постои цела армија граѓани кои се чувствуваат неправедно обвинети или осудени.
До кога ќе молчиме пред неправдите што ги овозможува системот и пред молкот на трите основни власти — законодавната, извршната и судската?
Со ваквата поставеност на целиот систем, вклучително и на локалната самоуправа, постои опасност случаите како оној со загадената вода во Гостивар да не останат изолирани, туку да се повторат и во други делови од земјата.
На оваа тема ќе биде посветена мојата следна колумна.
Правдата што доаѓа предоцна не е правда. Ако институциите продолжат да молчат, Македонија нема да ја плати само финансиската цена — ќе ја плати со довербата, иднината и достоинството на своите граѓани.






