„Преспански аванТУРИ“ – инклузивна велосипедска тура низ Преспа за лица со и без попреченост

Од 9:00 часот утрово во Претор почнува инклузивната велосипедска тура „Преспански аванТУРИ“, наменета за лица со и без попреченост, љубители на природата и рекреативци што сакаат да го доживеат Преспанскиот регион на поинаков и пристапен начин.
Од Претор учесниците ќе се движат по планирана рута кон Сливница, со завршница на плажите во Претор. По турата е предвиден заеднички пикник, дружење и можност учесниците да разменат искуства во природна и пријатна атмосфера.
Во рамки на турата ќе има освежителни пунктови, информативен и медиумски простор, како и организациска поддршка за безбедно и удобно учество.
-Посебна вредност на настанот е можноста учесниците да се запознаат и да испробаат пет различни видови адаптивни велосипеди, наменети за лица со различни видови попреченост. Преку оваа активност ќе биде промовирана и новата услуга за изнајмување стандардни и адаптивни велосипеди, со цел велосипедскиот туризам во Преспа да стане подостапен за што поголем број посетители. „Преспански аванТУРИ“ не е само спортски настан, туку заедничко искуство кое ги поврзува активниот престој во природа, социјалната инклузија и промоцијата на Преспа како пристапна туристичка дестинација. Возиме низ Преспа. Ја доживуваме природата. Ја правиме достапна за сите, вели Гере Трипков од здружението „Икуалити“.
Спред него, настанот испраќа јасна порака дека природата, рекреацијата и туристичките содржини треба да бидат достапни за сите.
Учеството на турата е бесплатно. Беше задолжително само претходно пријавување.
Настанот се реализира во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, чија цел е развој и промоција на нови, одржливи и инклузивни туристички содржини во Преспанскиот регион. Во рамки на проектот ќе биде реализирана и следната активност – Преспа Retreat, автентично искуство кое ќе ги поврзе природата, локалните производи, свесното движење, звукот, терапевтските практики и културно-туристичките содржини во програма од 1 до 5 септември 2026 година во Брајчино.
Проектот „Магијата на Преспа“ е дел од програмата #EUforPrespa, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, a реализирана од УНДП во партнерство со други вклучени страни.






