Лоши вести од Германија: Сушата се заканува да предизвика загуби од 600 милиони евра

Долготрајната суша и високите температури во Германија сериозно го загрозуваат земјоделското производство, а во најпогодените делови од земјата се очекува целосно пропаѓање на одредени земјоделски култури.

Германското здружение на земјоделци предупредува дека недостигот од дожд и екстремните летни горештини веќе доведуваат до намалување на приносите. Особено загрижувачка е состојбата со тревата, поради што значително се намалени и резервите на зимска храна за добитокот.

Југозападниот дел на Германија летово беше особено погоден од високите температури и малите количества врнежи. Сушата го исуши земјоделското земјиште, придонесе за намалување на водостојот на реките, а истовремено создаде услови за ширење на шумски пожари.

Во делови од јужна Германија, каде што со недели немало дожд, се очекуваат значителни загуби на приносите, а во одредени подрачја и целосно уништување на посевите.

Според проценките на Германското здружение на земјоделски задруги „Рајфајзен“, овогодишниот недостиг во производството на житарки би можел да достигне до три милиони тони, со финансиски загуби од околу 600 милиони евра.

„2026 година во историјата ќе остане запаметена како година на екстремни горештини“, изјавил експертот за пазарот на житарки Гвидо Цидлер, оценувајќи дека загубите претставуваат тежок удар за земјоделскиот сектор.

Претседателот на Германското здружение на земјоделци, Јоаким Руквид, предупреди дека климатските промени веќе имаат директно влијание врз земјоделството. Според него, периодите на вегетација се менуваат, жетвата започнува порано, а екстремните временски услови, од долготрајни суши до обилни дождови и град, стануваат сè почести.

Загриженоста не се однесува само на житарките. Во текот на есента се очекуваат значителни загуби и кај компирот, зеленчукот, шеќерната репка, пченката и сојата.

Состојбата е нешто подобра во северните делови на Германија, каде што во изминатите недели имало одредени врнежи. Сепак, и таму долгорочните проценки укажуваат на приноси под просекот.

Руквид повика германската влада да преземе мерки за финансиска поддршка на земјоделците, меѓу другото, и преку намалување на данокот на дизелот што се користи за земјоделската механизација.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close