(Видео) Огнена линија долга до 15 километри кај Херцег Нови: Евакуирано население, пожарникарите се борат со силниот ветер

Screenshot

Пожарот што веќе трет ден беснее во околината на Херцег Нови се шири поради силниот ветер, а пожарникарите и останатите служби продолжуваат со борбата за да ги заштитат куќите и населението.

Огнената линија, која се протега меѓу Баошиќи и Бијела, поради ветерот се проширила кон Зеленикa и Каменари и во моментов е долга меѓу 10 и 15 километри. Во Баошиќи пожарникарите успеале да одбранат повеќе куќи, додека едно семејство било евакуирано од загрозеното подрачје.

На терен се сите расположливи пожарникарски екипи, со поддршка од припадници и возила од други градови. Во гаснењето се вклучени и хеликоптери на Војската на Црна Гора, како и воздухоплови на Министерството за внатрешни работи.

Според Директоратот за вонредни ситуации, сите пет расположливи воздухоплови се ангажирани во операциите. Два хеликоптери на црногорската војска дејствуваат во подрачјето на Улцињ, додека авион „Антонов“ и еден „ертрактор“ се ангажирани кај Херцег Нови.

Командирот на Службата за заштита и спасување на Херцег Нови, Златко Ќировиќ, посочи дека главен приоритет е одбраната на куќите и заштитата на населението. Силниот ветер, сепак, значително ја отежнува интервенцијата, поради што засега не може да се процени кога пожарот ќе биде ставен под контрола.

Црногорскиот министер за одбрана Драган Крапoвиќ и началникот на Генералштабот на Војската на Црна Гора, Миодраг Вуксановиќ, го посетиле подрачјето погодено од пожарот. Краповиќ порача дека поради големината на пожарната линија, војската ќе продолжи да помага на барање на МВР и локалните служби.

Вуксановиќ оцени дека засега се под контрола безбедноста на луѓето и објектите, но предупреди дека непредвидливите временски услови и силниот ветер бараат особена претпазливост.

Во текот на ноќта полицијата евакуирала жители од загрозените подрачја. Во пожарот полесно е повреден еден доброволен пожарникар, додека останатите екипи се исцрпени по повеќедневниот ангажман.

Поради густиот чад и пепелот кои се присутни во речиси целата општина, на граѓаните им се препорачува да останат во затворени простории.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close