100.000 долари месечно за објавите на Трамп: Медиумите го тужат американскиот претседател

Американскиот претседател Доналд Трамп се соочи со тужба поради новиот сервис „Truth API“, преку кој медиумите и други корисници можат да добијат побрз пристап до неговите објави на „Truth Social“ само доколку платат претплата од 100.000 долари месечно.
Тужбата ја поднесоа Фондацијата за слобода на печатот (FPF) и медиумот „The Intercept“, кои тврдат дека сервисот ги прекршува Првиот и Петтиот амандман на Уставот на САД. Според нив, претседателските соопштенија мора да бидат подеднакво достапни, без државата да поставува финансиски услови за пристап до нив.
„Truth API“ им овозможува на претплатниците да ги добиваат објавите од „Truth Social“ за само неколку милисекунди, односно значително побрзо од корисниците без претплата.
Од FPF и „The Intercept“ тврдат дека новата услуга директно им нанесува штета, бидејќи без плаќање немаат гарантиран навремен пристап до најновите објави на претседателот, а пристапот до архивираните објави им е трајно ограничен.
Тужителите бараат судот да утврди дека „Truth API“ е неуставен и незаконски и да им забрани на Трамп и на останатите тужени – извршната асистентка во Белата куќа, Натали Џ. Харп, и заменик-шефот на кабинетот, Даниел Скавино – државни информации ексклузивно да објавуваат преку „Truth Social“.
Компанијата „Trump Media and Technology Group“ го претстави „Truth API“ во јули, со месечна претплата од 100.000 долари, опишувајќи го сервисот како значаен и постојан извор на приходи. Компанијата смета дека објавите на Трамп, преку кои тој често соопштува политички одлуки и други важни информации, имаат особена вредност за инвеститорите.
Тужбата дополнително укажува на финансиската поврзаност меѓу Трамп и компанијата. Тој бил мнозински акционер кога компанијата била основана во 2021 година, а по неговиот реизбор во 2024 година контролата над неговите акции била пренесена на труст во кој тој е наведен како единствен корисник, додека неговиот син Доналд Трамп Помладиот е единствен управител.
Според наводите во тужбата, постои и договор според кој Трамп генерално треба прво да ги објавува своите објави на „Truth Social“ и да не ги споделува истите објави на други социјални мрежи во следните шест часа.
Тужителите сметаат дека новата претплата претставува дополнителен начин за финансиско искористување на овој аранжман.
Извор: skopje1.mk






