Царината со засилени контроли на Охридското Езеро: Проверени 38 пловни објекти

Screenshot

Засилените контроли на пловните објекти на Охридското Езеро веќе даваат резултати, соопшти Царинската управа, посочувајќи на зголемена наплата на увозни давачки за пловила внесени во земјата со привремен увоз.

Одделението за оперативни работи, во координација со Министерството за внатрешни работи, извршило контрола на 38 пловни објекти на Охридското Езеро. При контролите биле проверувани царинскиот статус на пловилата, како и лицата кои ги управуваат, согласно Царинскиот закон, Законот за внатрешна пловидба и останатите прописи.

„Во изминатиот период се забележува зголемена активност на платени увозни давачки за пловни објекти кои биле внесени со привремен увоз, што укажува дека контролите даваат ефект“, изјави управникот на Царинарницата Битола, Ѓоко Трпоски.

Од Царинската управа појаснуваат дека контролите се насочени кон утврдување на царинскиот статус на пловилата внесени во државата, особено оние што се опфатени со режимот на привремен увоз.

Според царинските прописи, ваквите пловила може да се користат во државата во законски утврден рок. Доколку по истекот на рокот не бидат повторно извезени и не ја напуштат државата, нивниот правен статус треба да се регулира и пловилото да се оцарини согласно законските правила.

Началникот на Одделението за оперативни работи, Душан Размовски, најави дека мобилните царински тимови ќе продолжат со засилени контроли на Охридското Езеро.

Тој посочи дека за секое непочитување на законските одредби ќе следуваат соодветни прекршочни санкции, кои може да вклучуваат и одземање на пловниот објект.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close