Германски државјанин „летал“ со 203 километри на час кај Гевгелија

Возач од Германија бил лишен од слобода откако бил затекнат како со својот автомобил се движи со брзина од 203 километри на час на автопатот „Пријателство“ кај Милетково, соопшти МВР.

Полициските службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија денеска во 8 часот извршиле контрола на сообраќајот со радар, при што утврдиле дека 46-годишниот М.Ф. од Германија управувал автомобил „БМВ“ со германски регистарски ознаки со 203 километри на час.

На делницата каде што бил затекнат, сообраќајот е ограничен на 120 километри на час, што значи дека возачот ја надминал дозволената брзина за 83 километри на час.

За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината и со одговорно однесување да не ги загрозуваат сопствениот и животите на останатите учесници во сообраќајот.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close