(ВИДЕО) Ангелов: Ужасот над Зелениково, ноќеска од пожар спасени куќи
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов раскажува за драматична ситуација која синоќа се случила над Зелениково. Во опасност од пожар биле неколку куќи.

-Ноќва околу 2 часот по полноќ на телефон ми се јави женско лице со силно вознемирен глас. Најпрво ми се претстави а потоа во паника, со викање, ме извести дека пожарот се приближува кон нејзината куќа која се наоѓа во последниот ред, на ридот над Зелениково, поради што панично бараше помош. Според паниката во нејзиниот глас претпоставив дека пријавата е вистинита а состојбата алармантна.
Веднаш се јавив на дежурниот скопски пожарникар. Телефонот заѕвони само еднаш а веќе го слушнав неговиот глас од другата страна. Го известив дека во Зелениково најверојатно има опасен пожар после што тој веднаш ми кажа дека веќе знаат и нивното возило од станицата во Драчево итно тргнало кон посочената локација.
Бидејки во тој момент се наоѓав на патот кој води низ ловиштето Јасен, враќајки се од Македонски Брод каде што ги имавме завршните договори за денешното гасење на пожарот кој е активен на висок, тешко пристапен и карпест терен, веднаш дадов задача на возачот да продолжи кон Зелениково, раскажува Ангелов.
Тој додава дека по половина час подоцна пристигнале на критичното место.
-Целиот период, од пријавата до пристигнувањето комуницирав со пријавителката и успеав барем малку да ја смирам.
Во меѓувреме, за пожарот бил известен и градоначалникот на Општина Зелениково, Коста Маневски кој во интерес на времето итно го стартувал општинското противпожарно возило кое што го набавиле пред извесно време и со него дошол непосредно до куќите каде што беснеел пожарот. Истовремено со него пристигнале и, од него алармираните, припадници на доброволното противпожарно друштво од Зелениково.
Веднаш потоа започнале со гасење на пожарот кој се приближувал кон куќите. Олеснителна околност била претходната реакција на самите жители од последните куќи, кои направиле делумна заштита на неколку места прскајки со вода и сечејки критични грмушки и дрвја.
Сите заедно успеале да ја сопрат огнената стихија пред да стигне до првите куќи.
Голема благодарност до градоначалникот на Зелениково, Коста Маневски, кој итно, во 02.00 по полноќ се јавил на повикот на граѓаните, покажал присебност и наместо да губи време чекајки некој да дојде по противпожарното возило, самиот го стартувал и одвезол до местото каде што горел пожарот.
Благодарност и до жителите кои што излегле да се борат против огнот изложувајки се притоа на значителен ризик, на лице место затекнав повеќемина од нив.
Посебна благодарност до доброволните пожарникари од Зелениково без чие учество состојбата ќе беше сосем поинаква.
Со нив договорив да влезат во Тимовите за брз одговор на ДЗС а во знак на поддршка на доброволното пожарникарство им понудив Дирекцијата да им обезбеди заштитни униформи, противпожарни напртњачи и метли за нивниот иден Огнен тим во ДЗС.
Благодарност и до скопските пожарникари чие што возило стигна навистина брзо. Сите заедно ставија крај на оваа огнена стихија која можеше да уништи повеќе куќи.
На крај, по којзнае кој пат, ве молам, внимавајте! Доволна е само искра за вистинска катастрофа!, вели Ангелов.






