Тепачка пред полициската станица во Кочани: шестмина се тепале, а сега може да одговараат и полицајците

Групна тепачка се случила во Кочани, во непосредна близина на полициската станица, а во физичката пресметка учествувале шест лица. Четворица од нив биле приведени, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, настанот се случил вчера, 15 август, околу 19:15 часот на улицата „Тодосија Паунов“.

Полициски службеници од Полициската станица Кочани ги привеле Ж.В. (22), Ј.В. (19) и М.В. (47), сите од Кочани, како и И.А. (46) од селото Баница, струмичко.

Од полицијата информираат дека по претходна расправија бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка во која учествувале вкупно шест лица.

По преземените мерки и документирањето на случајот, против приведените биле поднесени соодветни поднесоци.

Но, МВР најавува и дополнителна проверка на целиот настан. За целосно утврдување на околностите, како и на евентуални пропусти при полициското постапување, ќе бидат вклучени Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Одделот за униформирана полиција.

Тоа отвора и прашање како дошло до групна физичка пресметка во непосредна близина на полициската станица и дали при реакцијата на полициските службеници имало пропусти, што сега треба да го утврдат надлежните оддели во МВР.

Back to top button
Close