Хајден Панетиер, поранешната сопруга на Кличко почина ненадејно на само 36 години

Американската актерка **Хајден Панетиер**, позната по улогите во хит-сериите „Heroes“ и „Nashville“, како и во филмската франшиза „Scream“, почина на само 36-годишна возраст.

Тажната вест ја потврдил нејзиниот претставник, а ја пренесоа повеќе американски медиуми. Засега **не е соопштена причината за нејзината смрт**.

„Со длабока тага ја споделуваме трагичната вест за смртта на нашата сакана Хајден“, се наведува во соопштението на нејзиниот претставник, во кое актерката е опишана како личност која носела огромна љубов и радост на луѓето околу себе и на милионите гледачи ширум светот.

Панетиер ја започна кариерата уште како дете, а светска популарност стекна со улогата на **Клер Бенет во серијата „Heroes“**. Подоцна голем успех постигна и како Џулиет Барнс во музичката драма „Nashville“, улога за која доби и две номинации за „Златен глобус“. Таа беше препознатлива и како Кирби Рид во филмовите од хорор-франшизата „Scream“.

Во текот на кариерата се појави и во филмовите „Remember the Titans“, „Raising Helen“ и „Ice Princess“, а зад себе остави кариера која започна уште во детството и траеше повеќе од три децении.

Во последните години Панетиер отворено зборуваше за тешките периоди од својот живот и борбата со зависностите и постпородилната депресија. Во 2023 година таа доживеа и голема семејна трагедија кога нејзиниот помлад брат, актерот Џенсен Панетиер, почина на само 28 години.

Хајден Панетиер зад себе ја остави ќерката Каја, која ја доби од врската со поранешниот светски боксерски шампион Владимир Кличко.

Веста за нејзината ненадејна смрт предизвика голема тага меѓу нејзините обожаватели ширум светот.

Причината за смртта во моментот на објавувањето на веста сè уште не е јавно соопштена

Back to top button
Close