Трет смртен случај од западнонилска треска, шестмина се во критична состојба
Се поместува и возрасната граница на заболените
Викендот починал пациент со западнонилска треска, со што вкупната бројка на смртни случаи во земјава се искачи на 3, известија здравствените власти. Станува збор за 61-годишен пациент кој имал придружни сериозни заболувања и е од едно од афектираните места.

Лабораториски се потврдени 35 случаи со вирусот, а уште тројца суспектни се во процес на дијагностицирање.
Во моментов, на Клиниката за инфективни болести се лекуваат шеснаесет пациенти, од кои шестмина се во критична состојба. Директорот Фадил Цана кажа и дека возрасната граница се поместува.
„Овие шестмина кои се во критична состојба и се лекуваат во Одделот за интензивна нега се на возраст над 60, но кај инфицирани пациенти со невроинвазивна форма, најмладиот пациент кој е хоспитализиран е 25-годишен, но е во стабилна здравствена состојба и е во Одделот за невроинфекција“соопшти Цана.
За разлика од асимптоматските, Цана вели дека пациентите со невроинвазивната форма, која ја развиваат околу 1 отсто од заболените, се со висока температура, силна главоболка, закочен врат, дезориентираност, конфузност итн.
Министерот за здравство Сашо Клековски кажа дека за моменталната состојба се известени сите инфективни одделенија, матични доктори и сите што можат да дојдат во контакт со евентуално заболени пациенти.
Во однос на мапирањето на пациентите, тој вели дека треба да се прави разлика меѓу место на живеење и место на заразување.
„Инкубацијата на вирусот е 3 до 14 дена. Сите пациенти се со епидемиолошка анкета и се лоцира дали патувале во странство, дали патувале надвор од местото на живеење внатре во земјата, и каде се движеле. Има луѓе со урбани адреси, но имале и викендичка, и најверојатно во тој период престојувале на овие места, така што во основа сите мерки се насочуваат таму каде што е најверојатното место на заразување. Една од мерките е лична заштита од убоди од комарци, и отстранување на застоена вода во дворови или непосредна околина. Општините каде што е прогласена епидемија сите ќе добијат и СМС пораки со насоки за постапување изработени од Институтот за јавно здравје кои веќе се комуницираат“,кажа Клековски.
Фокусот е ставен на таргетирано прскање од земја
Во меѓувреме, Државниот здравствен и санитарен инспекторат направил вонредна проверка на спроведувањето на елаборатите за прскање во сите општини во Скопскиот Регион и набрзу ќе се соопштат резултатите. Сега, фокусот ќе биде ставен на таргетирано прскање од земја.
„Сметаме дека поефективно е таргетирано прскање, отколку со аеро. Аеропрскањата ќе се прават согласно плановите“вели Клековски и додаде дека сите средства за прскање се одобрени од Светската здравствена организација.
Министерот вели и дека се работи на геолоцирање на пациентите и на стоечки води. Тој посочи дека Град Скопје од „Гугл мапс“ лоцирал многу водени површини во засегнатите места, кои се користат за рекреативни цели.
„Тука ќе треба и зголемена дисциплина од сите нас за да се намалат колку е можно водените површини. Јас знам дека е тешко во услови на високи температури да очекуваме луѓето да ги празнат базените, меѓутоа мора да апелираме на максимална претпазливост. Спрема епидемиолошките очекувања, август и септември историски се врв на ваквите епидемии. Ние ќе ги повикаме сите засегнати општини и ќе ги дадеме овие насоки и Центарот за јавно здравје е веќе во подготовка за зголемени земјени прскања“рече тој.
Освен комарците, можен пренесувач на вирусот се и дивите птици. Министерот Клековски ги повика граѓаните кои ќе видат мртва птица, да ја пријават во АХВ. Агенцијата досега добила една пријава на мртва птица во Гостивар, меѓутоа таму не е идентификуван вирусот западен нил.
Клековски најави контроли и на живината во загрозените подрачја. Посебна цел ќе биде слободната живина во близина на каналите за наводнување.






