Разговорите на Кушнер со Израел и Хамас завршија без напредок за планот на Трамп за Газа


Специјалниот пратеник и зет на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ги заврши дводневните состаноци со лидерите на Израел и радикалната палестинска група Хамас за да го прекине застојот околу мировниот план на Трамп за Газа, но нема знаци за напредок.

Кушнер се сретна со премиерот Бенјамин Нетанјаху во Израел еден ден по средбата со политичкиот лидер на Хамас, Калил ал-Хаја, во Египет, за да го заживее планот, што е во застој откако Израел почна воздушни напади и зазеде повеќе територија во Газа и покрај октомвриското примирје. Во исто време, палестинската група одби да се разоружа.

Минатиот месец, Трамп рече дека Хамас се согласил постепено да го предава своето оружје според план од 15 точки предложен од неговиот таканаречен Мировен совет за да го унапреди целокупниот мировен план додека израелската армија се повлекува од Газа.

Движењето соопшти дека се согласува со мапата на патот, но неговата имплементација зависи од тоа Израел прво да ги исполни своите обврски, „вклучувајќи прекин на нападите и повлекување на силите“.

Нетанјаху, чија владејачка коалиција заостанува во анкетите на јавното мислење пред парламентарните избори во октомври, претходно овој месец го отфрли планот од 15 точки, инсистирајќи дека Израел нема да се повлече од Газа сè додека Хамас целосно не се разоружа.

Израелски функционер рече дека за време на денешниот состанок не е постигнат никаков пробив и додаде дека Нетанјаху е непоколеблив дека армијата нема да се повлече од линијата на демаркација утврдена со октомврискиот договор за прекин на огнот и ќе продолжи да спроведува воени операции во Газа се додека тоа смета за потребно, вклучително и таргетирање на оние вклучени во нападите од 7 октомври 2023 година што ја предизвикаа војната.

Хамас сака Израел да го почитува прекинот на огнот, додека двете страни го оспоруваат редоследот на спроведување на планот на Трамп за завршување на војната.

Back to top button
Close